Владата на 95-та седница ја разгледа и ја усвои Информацијата за склучување Договор за признавање на професионалните квалификации на докторите по медицина, докторите по дентална медицина и архитектите, во контекст на договорот за слободна трговија и го прифати усогласениот текст на Договорот.
Овој Договор, како што соопшти владината прес-служба, ги опфаќа сите шест земји од регионот и тоа: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија во рамки на Берлинскиот процес.
Од Владата нагласуваат дека се овозможува размена на професионалци кои поседуваат професионална квалификација за доктори по медицина, доктори по стоматологија и архитекти, во формат којшто ќе ги отстрани бариерите на националното законодавство.
-Со Договорот се утврдуваат правилата за автоматско признавање на докази за формални квалификации врз основа на минималните услови за обука, за пристап до регулираната професија и нејзино вршење, како и усогласените минимални услови за обука, во една или во повеќе страни потписнички, коишто им овозможуваат на носителите на споменатата квалификација, да ја вршат истата професија стекната во матичната држава – во друга, потписничка на Договорот, стои во соопштението.
Од Владата наведуваат дека сите шест земји од Западен Балкан ја имаат предвид важноста на економската интеграција, во согласност со Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА) од 2006 година, како и целите на зголемување на либерализацијата на трговијата со услуги во рамки на ЦЕФТА.
Исто така земени се предвид и целите и приоритетите утврдени во Акцискиот план за заеднички регионален пазар за периодот 2021-2024 година во рамки на Берлинскиот процес, коишто се насочени кон отстранување на пречките за признавање на професионалните квалификации, преку усвојување и спроведување на „Рамката на Европската Унија (ЕУ) за автоматско признавање на професионалните квалификации за 7 професии и системот на ЕУ за автоматско признавање“.
– Овој Договор обезбедува повеќекратна добивка бидејќи не само што ќе се применуваат строгите критериуми на ЕУ во мобилноста на заедничкиот пазар, туку земјите имаат обврска да ги усогласат наставните програми за овие три професии со барањата на ЕУ, преку што се обезбедува подобар квалитет и мобилност на овој кадар во рамките на Западен Балкан.
Преку Договорот ќе се обезбеди и побрза интеграција на земјата во процесот на ЕУ, поради исполнување на барањата од европското законодавство и фактот дека образовниот, како и институционалниот систем на државата, со понатамошна имплементација на Договорот, веќе ќе бидат подготвени за оваа преземена обврска, односно таа ќе биде целосно усогласена со барањата на Унијата за полноправно членство, се вели во соопштението.
Владата вечерва ја разгледа и ја усвои Информацијата за склучување на Договорот за признавање на високообразовните квалификации во Западен Балкан и го прифати усогласениот текст на Договорот. Овој Договор исто така ги опфаќа сите шест земји од регионот и тоа: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија во рамки на Берлинскиот процес.
-Договорот претставува голем успех во изнаоѓањето заеднички, практични и транспарентни решенија за подобрување на праксите за признавање на високото образование, преку воспоставување стандард и постапки за признавање на високообразовните квалификации, а воедно е во согласност со Лисабонската Конвенција за признавање на квалификации, коишто се однесуваат на високото образование во европскиот простор.
Исто така, благодарение на Берлинскиот процес, со овој Договор ќе се промовира академската мобилност, како и соработката во поглед на правични и транспарентни постапки за признавање и обезбедување академски интегритет во високото образование во Западен Балкан, стои во соопштението.
Со Договорот за признавање на високообразовните квалификации во Западен Балкан, високото образование, како што се наведува, се препознава како јавно добро и јавна одговорност и се подига свесноста за потребата да се поддржат и заштитат принципите на академската слобода и автономијата на високообразовните институции.
Од Владата нагласуваат дека овој Договор овозможува да се промовираат и прошират основите за соработка во Западен Балкан, да се развие соработката помеѓу високообразовните и истражувачките институции и да се промовира академската мобилност.
-Со признавањето на квалификациите кои се однесуваат на високото образование ќе се олесни меѓузависното учење и развојот на знаењето преку мобилност на студентите, професорите, истражувачите и стручните лица. Како и со претходните два договори, со овој Договор исто така се има предвид Декларацијата на лидерите од Западен Балкан за заедничкиот регионален пазар, како катализатор за подлабока регионална економска интеграција кон единствениот пазар на Европската Унија, донесена на Самитот на лидерите од Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес, реализиран во Софија на 10 ноември 2020 година, стои во владиното соопштение.