Уставниот суд од денеска работи со шест од предвидени девет судии поради завршување на мандатот на судијката Вангелина Маркудова.
Последната седница на којашто присуствуваше судијката Маркудова, како што информираат од Судот, се одржа во средата на 7 декември и тогаш завршија нејзините работни обврски во Уставниот суд.
Последна иницијатива по којшто Маркудова работеше и ја реферираше на седницата е за Законот за плата и другите надоместоци на избрани и именувани лица и по овој предмет Уставниот суд поведе постапка, односно изрази сомнеж во уставноста на членот 22 кој им овозможува на разрешените функционери или оние кои сами си дале оставка да земаат плата (апанажа) и по завршувањето на мандатот.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Апанажата на разрешените функционери пред укинување – Уставен поведе постапка
По повод пензионирањето на судијката Маркудова ,Уставниот суд приреди пригодна свеченост во рамки на којашто судиите и вработените се заблагодарија за нејзиниот придонес и активно учество во работата на Уставниот суд.
-И благодарам на колешката Маркудова затоа што даде пример што значи да се биде професионален судија без дамка и афера во нејзината правосудна кариера, посветен работник кој сите овие години обврските ги завршуваше дисциплинирано во работно време без да пропушти ден на работа и особено ми е драго што до крајот на својот работен век остана мирољубива и толерантна личност од која многумина може да учат, кажа претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска.
Вангелина Маркудова работи активно во правосудството од 1984 година, почнувајќи како приправник и стручен соработник во општинскиот суд Гевгелија во кој во 1986 година е избрана за судија.
Во 1996 година е избрана за судија во Основниот Суд Скопје I во којшто од 2007 до 2013 постапува во одделението за организиран криминал и корупција. На 21 ноември 2013 година е избрана за уставна судијка како предлог на Судскиот совет, нејзиниот мандат почнува да тече од 7 декември 2013 и заврши на 7 декември 2022 година.
-Ова е моја последна седница во Уставниот суд и сум горда што ќе се пензионирам и ќе си заминам со крената глава и чист образ. Го дадов својот максимум и секогаш, пред се и над се кога одлучував на ум ги имав граѓаните и нивните права, кажа Маркудова.
Вангелина Маркудова како уставна судијка во својот деветгодишен мандат работеше на 256 предмети како судија-известител.
Фото: Уставен суд