Овие денови се тешки за Младинскиот културен центар (МКЦ), но и за културата воопшто. Се случуваат разни клевети, невидени притисоци врз нас вработените, се дозволуваат паушални толкувања на законите и правото, се креваат раменици и оградување од надлежности, реагираа од Програмскиот колегиум на Младинскиот културен центар на денешната конференција одржана пред центарот.
Тие го демантираа тврдењето на градоначалничката Данела Арсовска дека на МКЦ не му се скратени 90 проценти од буџетот.
-До одржување на прес-конференцијата вчера, ние на располагање го имавме овој документ – а тоа е дневен ред на 22. седница на Совет на Град Скопје, каде што стои дека за 2023 година за програмата на МКЦ е предвидено да се доделат 4.500.000 денари.
Од нив – 2.500.000 денари се за работата на градското кино Милениум, а за сите останати активности на МКЦ, каде што меѓу другото се и едни од најголемите национални фестивали: театарскиот „МОТ“, филмскиот „Синедејс“, и музичкиот „Здраво млади“, како и целата годишна музичка, драмска, ликовна, детска, литературна програма во 365 дена – севкупно 2.000.000 денари.
За споредба, годишниот програмски буџет на МКЦ за јубилејната 2022 година лани беше 14,5 милиони денари, не како што кажа градоначалничката 10,7 миолиони, посочи Русе Арсов, уредник на драмска програма.
Информираа дека МКЦ моментално има 50 вработени, иако за нормално функционирање потребни се над 70.
-МКЦ континуирано бара од Град Скопје нови вработувања, па макар тоа било времено и преку Агенција за привремени вработувања – но за кои повторно по закон, како и за редовните вработувања, треба согласност од Град Скопје. Таа согласност не ја добиваме.
Што се однесува до бомбастичните наслови дека „шанкер зема 750 евра плата во МКЦ“, би сакале да појасниме дека во недостиг на редовен вработен персонал, за да оствариме сопствени приходи ќе се потпираме на сѐ уште расположливи надворешни млади луѓе, кои се останати во градот и сакаат да работат. Најчесто тоа се студенти, кои чесно работат за дневница, често и двојни смени, која на крај на месецот врз основа на сработеното им се исплаќа хонорар, со платен данок, посочија оттаму.
Истакнаа дека секое објавување на информации додека ревизијата е во тек е незаконско и паушално. Прашаа од каде е информацијата дека од главната благајна на МКЦ биле подигнати нешто над 100.000 евра во готовина, кои, како што посочи Арсовска биле извлекувани од сметката на институцијата без соодветна основа од Програмскиот колегиум на МКЦ.
-Дали ова е информација од тековната ревизија во МКЦ? Пред да одговориме на ова сакаме да укажеме на грубо кршење на законите и правилата на ревизорски надзор и извештај.
Имено, ревизијата е нормална постапка и пракса за секоја институција. И ние истата максимално ја поддржуваме, а од нивните забелешки учиме и се корегираме. Но, досега правилата беа јасни: ревизијата по своето работење издава записник, на кој институцијата преку нејзините надлежните органи имаат законски рок да се произнесат и евентуално да појаснат и да дополнат пред таа да стане официјална.
Ревизијата во МКЦ сѐ уште е во тек, и овие информации пласирани во јавноста се во најмала рака незаконски и во моментов паушални, посочија од Програмскиот колегиум на МКЦ.
Тврдењата за недостиг на некакво покритие и документација за ова, како што истакнаа, беше токму нашиот сомнеж и страв по промените на бравите на пример, во простории каде таа документација се чува.
– Но, во интерес на јавноста и насловите во овој момент, сепак ќе појасниме дека како благајна за 2022 година се водат 6.232.388 денари, од кои 5.914.888 се уплати од дневен промет од работата на угостителската дејност на МКЦ (бифе/шанкови) кои преку благајна потоа се уплаќаат на сметката на ЈУ МКЦ, а само 317.500 денари се директни готовински материјални трошоци, кои преку цела 2022 година се користени готовински и се однесуваат за ситни набавки, поправки, патарини, сервисирања и сл, поткрепени со соодветна документација и сметки, истакнаа од Програмскиот колегиум на МКЦ.
Во однос на забелешката на Арсовска дека од 40 вработени, 12 се поставени како директори, односно како раководители на раководни фунцкии и не раководат со никого, а земаат директорски односно раководни плати, од Програмскиот колегиум упатуваат до правните служби и правните советници во Град Скопје.
-Тука би се обратиле до правните служби и правни советници во Град Скопје, да појаснат на своите претпоставени кои беа процедурите за трансформација постоечките работни места преку Министерството за информатичко општество и администрација на работни места според Законот за јавна администрација и Законот за јавни службеници.
Тоа беше процес, кој конкретно во нашата институција, поради природата и спецификата на работење и дејности кои ги опфаќа, траеше скоро четири години. Истите не би можело да се спроведат без одобрение по закон на надлежните институции и министерства за тоа. Секое вонзаконско толкување го разбираме само како лично дискредитирање на секој уредник посебно, наведуваат од Колегиумот.
Порачаа надлежните да се однесуваат одговорно и побараа да се објави регуларен конкурс за директор на институцијата.
-За крај, повторно се обраќаме до сите надлежни институции: охрабрете се и завршете ја својата работа по закон до крај. Одважете се и по закон спроведете ги постапките и за ревизија и за именувања. Веќе четврта година сме мета на јавни обвинувања и подметнувања, разни финансиски полиции, ревизии, контроли и судови.
Ни го убивте кејфот и љубовта кон работењето. Истраивме и ќе истраеме сѐ додека веруваме во правна и правична држава, и само во тоа. Престанете да ни праќате неидентификувани и неовластени лица да ни вршат распити, да ни се врши мобинг и притосок на нашето работно место.
Не дозволувајте повеќе секој да ги дискредитира и оцрнува нашите имиња и професионални интегритети. А за почеток: отворете регуларен и фер конкурс за директор на институцијата. Како програмски уредници со драго срце и полн ентузијазам повторно ќе дадеме сѐ за културата на европско Скопје, нагласуваат од Програмскиот колегиум на МКЦ.
МИА/Фото: МИА