еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Продолжи судењето за „Софтвери“ , се сослушуваат вешти лица на предлог на одбраната

Во Основниот кривичен суд Скопје се сослушуваа вештите лица Милица Шутова, вешто лице од областа на интелектуална сопственост и вештото лице Ристо Котев од област на материјално, сметководствено и финансиско работење, на предлог на одбраната во врска со случајот „Софтвери“ во кој првообвинет е поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски.

Вештите лица одговараа на прашања поставени од обвинетиот Рашковски, а се однесуваат на јавните набавки за кои обвинетиот се товари за „злоупотреба на службена положба и овластување” и „перење пари и други приноси од казниво дело”.

Според вештото лице Ристо Котев, набавките биле предвидени во годишните планови за набавка на Владата за 2020, односно 2019 година и нема приложена информација за приговори и жалби.

– Сѐ што е сработено и објавено е објавено согласно законот, односно објавите се во предвидениот законски рок, рече тој.

Вештакот Котев потврди дека средства за набавките се евидентирани во основните средства во Владата.

На прашањето кој вршел проверка на конкретните јавни набавки, тој одговори дека тоа е Комисијата за јавни набавки именувана за конкретната јавна набавка.

Прашан дали генералниот секретар дава право на економски оператор да учествува во јавна набавка, тој одговори дека не е надлежен.

– Може само после изнесениот извод, по завршувањето на постапката, да го потпише договорот или да ја поништи постапката ако има и образложение за тоа, рече вештото лице Котев.

Вештото лица Милица Шутова, на прашање дали може да се патентира софтвер во Македонија, одговори не, а на прашањето дали обвинетиот Драги Рашковски има авторско право на софтверот, одговори дека не е стручна да одговори на прашањето.

Според обвинението, првообвинетиот не ги извршил службените должности при спроведување на четири постапки за јавна набавка за систем за биометриска идентификација, јавна набавка на софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни, набавка на АНПР камери за препознавање на регистарски таблички за возила и јавна набавка на метални кабини за потребите на системот на биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблици.

Рашковски е обвинет за кривичните дела „злоупотреба на службена положба и овластување” и „перење пари и други приноси од казниво дело”, а лицата И.Д., И.Х., Д.С., И.И., И.И. и М.С. се обвинети за „злоупотреба на службената положба и овластување”.

Случајот го води судијката Фанка Јанчулева Михаиловска, а застапник на обвинението е обвинителката Ивана Трајчева.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Заев не се сретнал со Орбан во Дубровник

Редакција

Раст од 4,7% на индустриското производство во ноември

Редакција

(Видео) Цела снимка од инцидентот кај Скендербег

Редакција