Судењето за случајот „Ласкарци“ продолжува на 30 март, откако во Основниот кривичен суд Скопје денеска беше испитуван вештакот Зекирија Зекири, дел од тимот што го изготви машинското супервештачење за несреќата во која загинаа 16 лица, а околу 30 беа повредени.
Вториот ден од денешната расправа продолжи со испрашување во врска со сведочењето на сведокот кој со возило се возел зад автобусот како и за други наводи наведени во супервештачењето.
На овие прашања имаше повеќе приговори од страна на бранителите на останатите обвинети, со што со одлука на судот на поголем дел од нив не беше одговорено.
Прашан дали еден доказите од кои може да се утврди дали во критичниот момент овој автобус бил сопиран или не, односно дали било кочено од возачот, или не, е тахографската лента на автобусот, вештото лице Зекири одговори дека тоа не е од неговата област на вештачење.
– Не било наша работа и не можам да ви одговорам за тахографската лента, бидејќи не е од машинската област, рече тој.
Прашан дали со 30 проценти сила може да остави трага на сопирање, тој одговори дека коефициентот на ефикасност на кочење не постои во теорија.
– Во теорија нема 30-40 проценти, никаде нема точно наведено дека со толку проценти може да остави траги автобусот, рече тој.
Испитувањето продолжи со прашања од страна на бранителот на шестообвинетиот кој инсистираше одговор на истите да даде само конкретното вешто лице, додека, бранителите на останатите обвинети приговараа на прашањата. Потоа, поради замор и истекување на работното време на судот, судечкиот совет реши да ја прекине расправата.
Супервештачењето што Судот го нарача во декември 2021 година беше одбиено од факултетите од државава, со објаснување дека нивните вешти лица веќе учествувале во претходното вештачење, или не се компетентни за истото.
Откако факултетите одбија, предметот беше испратен во Бирото за судски вештачења кое има можност да формира тим од лиценцирани вешти лица кои ќе направат супервештачење. Супервештачењето пристигна во Кривичен во декември.
Потоа настапи формално отпочнување на процесот по кое се започна со сослушување на вештите лица кои го изготвиле супервештачењето и тоа сѐ уште трае.
Обвинети во случајот за несреќата кај Ласкарци, што се случи на 13 февруари 2019 година се Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари, и возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.
Тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, се товарат за соучество во истото дело.
Судскиот процес за несреќата започна во септември 2019 година и го води судијката Диана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител, Дарко Јакимовски.
МИА