Фармацевтската компанија Реплек најави исплата на дивиденда од 1.800 денари по акција за своите акционери за 2022 година. Денес оваа информација е објавена на Македонската берза за хартии од вредност, каде што се објавени и другите предлог одлуки за годишното Собрание на акционери, кое ќе се одржи на 26 април годинава.
Дивидендата што оваа година ја најави Управниот одбор на компанијата е добра вест за акционерите кои минатата година не добија дивиденда. Амбициозната бизнис политика на компанијата, по успехот на странските пазарите и консолидирањето на домашниот, продолжува.
Во рамки на одлуките кои компанијата ѝ ги достави на Берзата, е и предлогот за среднорочна дивидендна политика. Со овој документ се создава поголема предвидливост на исплатата на дивидендата на подолг временски период, што е значајно за акционерите, но ќе обезбеди и подобри услови за континуиран развој.
Среднорочната дивидендна политика е особено важна за инвеститорската јавност, бидејќи создава можност за прибавување дополнителен капитал по поволни услови за вложување. Дивидендната политика ќе се базира на неколку принципи и тоа остварување на годишна профитабилност на друштвото во распон од 60% до 150%, од последниот тригодишен просек, континуирано намалување на релативното ниво на задолженост и проширување и осовременување на работењето преку инвестирање.
Од годинава па сѐ до 2027 година се предвидува зголемување на дивидендата, која за 2023 година најмалку ќе изнесува 2000 денари, а во 2027 година истата треба да достигне најмалку 6.000 денари по акција. На акционерското собрание, покрај за другите документи ќе се дискутира и за предлог одлуката за дивиденден календар, односно динамиката за исплаќање на дивидендата за 2022 година.
Минатата година „Реплек АД“ Скопје оствари раст на продажбата од 9% на странските пазари. Приходите од продажба на домашниот пазар во текот на 2022 година се зголемени за 3%, а консолидираната добивка пред оданочување изнесува 97,9 милиони денари.