Отсуство на поделбата на надлежностите и одговорностите на вработените во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) поради недостиг на кадар, слабости во чувањето и архивирањето на податоците во матичната евиденција и слабости при реализацијата на дел од јавните набавки, констатирал Државниот завод за ревизија.
При извршената ревизија на финансиските извештаи за 2021 година, ревизијата покажала дека поради отсуство на целосна поделба на надлежностите и одговорностите на вработените и поради тоа што внатрешните контроли не секогаш го покриваат ризикот од комплетност на документацијата во електронското пензиско досие, постои ризик од неправилности во постапката за признавање на правата од пензиското и инвалидско осигурување.
– Отсуствува целосна поделба на надлежностите и одговорностите на вработените вклучени во процесот поради недостиг на вработени, а воспоставените внатрешни контроли не секогаш го покриваат ризикот од комплетност на документацијата во електронското пензиско досие, точност и навременост во постапката. Поради наведеното постои ризик од неправилности во постапката за признавање на правата од ПИО, како и ризик од исплата на пензија и по истекот на законски утврденото право, се наведува во ревизорскиот извештај.
Ревизорот препорачува воспоставување на целосна поделба на надлежностите и одговорностите во рамки на сите активности кои се во надлежност на Фондот, обезбедување комплетност на документацијата во електронските пензиски досиеја за остварување на правата од ПИОМ и усвојување на изработените процедури и нивна примена во тековното работење на сите филијали на Фондот.
Ревизијата утврдила и дека слабостите во чувањето и архивирањето на податоците во матичната евиденција го оневозможуваат потврдувањето на веродостојноста и целосноста на регистрираните податоци, потребни за остварување на правата од ПИОМ.
Поради недобиени соодветни податоци за вработување и регистрација на обврзниците, како и грешки при внесот од страна на други институции, посочуваат од Државниот завод за ревизија, на уплатната сметка наменета за прибирање средства од наплатен придонес за ПИОМ има нераспоредени средства кои Фондот не може да ги користи, а осигурениците не можат да ги остварат правата од ПИОМ.
Ревизијата констатирала и дека системот на внатрешни контроли во процесот на остварување на правата од ПИОМ и процесот на исплата на пензиските примања е уреден со повеќе поединечни интерни акти и процедури од кои дел не се ажурирани целосно согласно на електронскиот систем кој е во примена.
Во однос на спроведувањето на дадените препораки за 2020 година, констатирано е дека од вкупно 18 препораки спроведена е една препорака, во тек на спроведување се три препораки, статус на делумно спроведени се три препораки и 11 препораки не се спроведени.
Ревизијата е извршена во периодот од 18.07.2021 до 11.11.2021 година.