еМагазин
Image default
Македонија

ЗНМ бележи негативни трендови во Извештајот за степенот на слобода на медиумите и безбедноста на новинарите за 2022 година

Бројот на напади кон новинари и медиумски работници во 2022 година беше зголемен, а дополнително загрижува фактот што медиумските професионалци се сѐ почесто предмет на закани и малтретирања на социјалните мрежи, се вели во Извештајот на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) за степенот на слобода на медиумите и безбедноста на новинарите за 2022 година.

„Неказнивоста сѐ уште е голем проблем, особено загрижува говорот на омраза и етикетирањето новинари и медиумски работници од страна на политичари и други носители на јавни функции, како и трендот на двојно зголемениот број на судските постапки за клевета и навреда споредбено со годината пред тоа.

Според регистарот на ЗНМ, од почетокот на 2022-ра година регистрирани се вкупно седум напади и груби закани кон новинари. Во споредба со минатата година, кога беа регистрирани вкупно пет, оваа година бележиме повторен пораст на нападите и заканите кон новинари и медиумски работници,“ велат од ЗНМ.

Со дел од надлежните институции во извештајот се констатира подготвеност за соработка во насока на унапредување на безбедноста на медиумските работници, а доказ за тоа се и измените и дополнувањата на Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда, а на почетокот на оваа година се изгласаа и измените на Кривичниот законик и двата закони се веќе стапени на сила.

По неколкугодишно инсистирање на ЗНМ, Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, во октомври 2022 година назначи јавен обвинител од истата институција, како лице за контакт во врска со предметите поврзани со безбедноста на новинарите, кои се во надлежност на ОЈО Скопје.

На почетокот на 2023 година и МВР назначи контакт лице за постапување на предметите поврзани со безбедноста на новинарите и медиумските работници посебно за закани на интернет.

Во извештајот е нотирано дека особено загрижува говорот на омраза и етикетирањето новинари и медиумски работници од страна на политичари и други носители на јавни функции, како и трендот на удвојување на бројот на судските постапки за клевета и навреда споредбено со минатата година.

Покрај тоа, надлежните институции и судовите сѐ уште не водат доволно ажурна евиденција за заканите и нападите врз новинари, ниту, пак, ги објавуваат ваквите податоци, покажуваат подготвеност да се работи на подобрување на безбедноста на новинарите и медиумските работници преку поажурно преземање мерки и гонење на сторителите на напади и закани.

Здруженијата на новинарите од земјите од Западен Балкан, со поддршка на Европската комисија, формираа заедничка платформа Safejournalists.net за да ги следат промените во законодавството и практиката на своите земји и да се вклучат во различни активности за застапување насочени кон унапредување на политичкото, законодавното и институционалното опкружување во кое работат новинарите и медиумите.

Почнувајќи од 2020 година, членовите на платформата ја следат состојбата во седум земји (Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Македонија, Црна Гора, Косово и Србија). Секоја година, проценката на состојбата се врши врз основа на стандардизирани методи за собирање и анализа на податоци, додека фокусот на истражувањето за застапување е на промените и во традиционалното и во онлајн медиумското опкружување во земјите од Западен Балкан.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Во штипската модуларна болница украдени 20 до 30 метри бакарни цевки

Редакција

Направена е техничка грешка во Пописот при внесувањето на податоците за религиозната припадност, велат од ДЗС

Редакција

Продолжува судењето за случајот „ТНТ“ на СЈО

Редакција