еМагазин
Image default
Забава

Фестивал “Запознај ја Преспа“ од 23 до 25 јуни

Од 23 до 25 јуни, по петти пат тромеѓето на Преспанското Езеро е локација за автентичниот фестивал кој спојува музика, уметност, традиција, гастрономија и работилници за иден развој на туризмот во овој регион.

Со овој фестивал, преспани од трите земји кои ги делат убавините и мистериозната енергија на Преспа, ја испраќаат нивната порака за европска Преспа без граници.

Со разновидна програма која опфаќа гастрономија, еко уметност, работилници, презентации за туризам и презентирање на грантова програма на ЕУ за овој регион, овој уникатен фестивал ветува незаборавно искуство, преку еуфорична прослава на единството, креативноста и заедничкото наследство.

Фестивалот започнува во селото Брајчино, сместено на падините на Пелистер, а оддалечено само пар километри од езерото, каде уметникот Никола Узуновски подготвува изложба и еко-арт инсталации во природа.

РеактАрт – што е во суштина уметничка резиденција Преспа 2023 во која се вклучени група млади уметници: Доротеј Нешовски, Неда Дамчевска, Грегорис Миргиотис, Ива Станковска, Душан Стефановски, Јана Николовска, Јована Марковска и Ардијан Ајдиниy ќе имаат своја презентација. На мостот во с. Брајчино, Мирко Попов ќе има свој сет со винили.

Планирана е работилница за перспективите на Преспа како туристичка дестинација во Крани, на која туристички работници и производители на локални продукти од трите држави кои ги делат водите на Преспанското Езеро ќе разговараат за потенцијалите и потребите.

Шеснаесет диџеи кои доаѓаат од трите земји кои го делат езерото, во сабота „Од зајдисонце до изгрејсонце“ на познатата локација Дупени бич ќе имаат свои сетови.

Идејата и оваа година е да се започне од магичното зајдисонце по кое е позната Преспа и да се дочека изгрејсонцето утредента во друштво на преспанските пеликани.

Во недела, фестивалот завршува со посета на селото Љубојно каде презентација на европскиот фонд за Преспа EU4Prespa ќе направат Бојан Маричиќ, вицепремиер за европски интеграции, Дејвид Гир, амбасадор на ЕУ и Јован Тозиевски, градоначалник на Општина Ресен.

А сите гости гурмани ќе го вкусат вкусот на Преспа, преку кулинарските знаења кои ќе ги презентираат угостители и чувари на тајните на преспанските традиционални рецепти од трите страни, преку традиционалната преспанска храна и земјоделски производи произведени во регионот.

Организатори на фестивалот здружението Преспа ГРАД, с. Љубојно“, DMO Destination management organization Korcha, Prespa Tourism Association Lemos и Општина Ресен.

Содржините на фестивалот се подржани од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерство за култура, Секретаријат за европски прашања и фондовите на ЕУ, преку Делагацијата на ЕУ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Видео) За Илинден диџејот Timmy Trumpet на Ohrid Calling ја поздрави публиката со македонска песна

Редакција

(ВИДЕО) Македонскиот бенд „Некс тајм“ ја преработи македонска песна „Прошета се Јовка Кумановка“

Редакција

Музички перформанс на Мијата на 15. мај

Редакција