Бројот на умрените лица од насилна смрт лани е намален за 28.2% во однос на претходната година и изнесува 486.
Умрените од насилна смрт учествуваат во вкупниот морталитет со 2.2%. Во структурата на умрените од насилна смрт според полот, како и во претходните години, и во 2022 година поголемо учество имаат машките лица, и тоа 72.8%, соопшти Државниот завод за статистика.
Во вкупниот број случаи на насилна смрт, најголемо учество имаат несреќните случаи со 78.6%, самоубиствата со 20.2% и убиствата со 1.2%.
Во категоријата несреќни случаи, најголемо учество имаат умрените лица од други надворешни причини за случајна повреда со учество од 55.1% во однос на вкупниот број случаи на насилна смрт.
Кај категоријата самоубиства, најголемо учество имаат случаите кај кои смртта настапила поради бесење, странгулација и суфокација, со учество од 12.3% во однос на вкупниот број случаи на насилна смрт.
Во категоријата убиства, случаите кај кои смртта настапила поради обид за нанесување телесна повреда на неозначен начин учествуваат со 0.8% во однос на вкупниот број случаи на насилна смрт.