Хроничната пренатрупаност на француските затвори најверојатно ќе се продлабочи уште повеќе. Земјата постави нов рекорд по бројот на затвореници во своите затвори – во моментов зад решетки има 74.513 лица, пренесува Euronews.
Од крајот на 2022 година, рекорд по рекорд е соборен, речиси месец по месец, а според последните податоци, по шести пат европската земја го надминува нејзиниот претходен висок број.
Според официјалните податоци, во затворите има 74.513 затвореници, што е за 2.446 повеќе од лани. Тие исто така беа за 15.818 повеќе отколку во летото 2020 година, кога пандемијата на Ковид-19 доведе до драстичен пад на бројот на затворениците.
Франција постепено се врати на нивоата на затвореници пред Ковид-19, но во април минатата година земјата за прв пат ја премина бариерата од 73.000 затвореници. Таа потоа постигна уште еден рекорд бидејќи надмина 74.000.
Вкупната пополнетост на затворите во моментов е 122,8 отсто, а во истражните затвори, каде се чуваат лица кои чекаат судење и лица со кратки казни, изнесува 146,3 отсто.
Оваа пренатрупаност значи дека 2.478 затвореници мора да спијат на душеци на подот. Бројка што е значително зголемена од 1.872 на 1 јули 2022 година и само 422 пред три години.
Франција е една од земјите со најлоши резултати во Европа и беше силно критикувана од Европскиот суд за човекови права во јануари 2020 година за нејзината „структурна“ пренатрупаност во нејзините затвори. Пренатрупаноста не покажува знаци на намалување.
МИА/Фото: Unsplash