Големата порота во сојузната американска држава Џорџија денеска го обвини Доналд Трамп за обид да ги смени резултатите од изборите во САД во 2020 година, јавија британските меидуми.
Медиумите забележуваат дека ова е четврто обвинение поднесено против поранешниот американски претседател.
Тужбата, поднесена во Окружниот суд Фултон, од обвинителката Фани Вилис, може да ги продлабочи проблемите со правдата на Трамп, кој е водечки кандидат за номинација на Републиканската партија за претседателските избори во 2024 година, додаваат британските медиуми.
Обвинителите поднесоа 11 обвиненија против Трамп и неговите соработници, вклучително и фалсификување и рекетирање од страна на организирана криминална група.
Обвиненија се покренати и против 10 соработници на Трамп, вклучувајќи ги и неговите поранешни адвокати Руди Џулијани и Џон Истман, и поранешниот шеф на кабинетот на Белата куќа, Марк Медоус.
Тужбата се темели на телефонски повик од 2 јануари 2021 година во кој Трамп го притиска највисокиот изборен функционер во државата Џорџија, Бред Рафенспергер, да „најде“ доволно гласови за да ја поништи неговата тесна изборна загуба во државата.
Рафенспергер одби да го стори тоа.
Четири дена подоцна, следеше бура во Капитол, во која гневните поддржувачи на Трамп се обидоа да ја спречат конгресната потврда за победата на Џо Бајден, потсетуваат британските медиуми.
Трамп: Обвинението е наместено, ова е лов на вештерки
За Трамп новото обвинение против него за обид за менување на резултатите од претседателските избори во 2020 година е „лов на вештерки“, напиша тој на неговата социјална мрежа „Вистина“ (Truthsocial).
„Зошто не поднесоа обвиненија пред две и пол години? Затоа што сакаа да го направат тоа среде мојата политичка кампања. Лов на вештерки!“, додаде тој.
МИА/Фото: Трамп/Фејсбук