еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Кои 10 фирми лани добиле најмногу тендери за јавни набавки на општините

Во 2022 година локалните власти склучиле вкупно 3.508 договори за јавни набавки со 1.184 фирми, што укажува на мал пораст во поглед на бројот на фирми со кои биле склучени договорите во однос на 2021 година, кога договорите биле склучени со 1.157, покажува Базата на податоци на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).

-Анализата на податоците укажува на раст на концентрацијата на тендерите кај мал број фирми. Првите 10 фирми со најголема вредност на договорите за јавните набавки имаат удел во вкупната вредност на набавките од 28 %, што е за 4 процентни поени повеќе од уделите на најголемите 10 добитници во 2021 и 2020 година.

Листата од првите 10 фирми со најголема вредност на тендери кај општините во 2022 година ја предводи Енерџи деливери солушнс (ЕДС) ДОО Скопје, којашто има склучено 42 договори, со вредност на договорите од 614 милиони денари, односно околу 10 милиони евра. Оваа компанија склучила договори за набавка на електрична енергија со Градот Скопје и 39 општини, стои во анализата на ЦГК.

-Битем ДООЕЛ Скопје е на второ место, со склучени 8 договори во вредност од 245 милиони денари, односно околу 4 милиони евра. Станува збор за договори склучени за реконструкција и санација на улици во Градот Скопје и во шест општини.

На трето место е Футуре енерџи трајдинг ЕНД ексчајнџ динамикс – Косово, од која исто така е купувана струја, како и од прворангираната ЕДС. Притоа, вредноста на договорите склучени со општините од страна на Футуре енерџи трајдинг ЕНД ексчајнџ динамикс изнесуваат 198 милиони денари, односно 3,2 милиони евра.

Најголемиот поединечен договор за јавна набавка склучен од страна на единиците за локална самоуправа во 2022 година е оној на Градот Скопје со ЕДС во вредност од 200 милиони денари, односно 3,2 милиони евра, за набавка на електрична енергија во период од една година.

И вториот тендер по големина во 2022 година е склучен од Град Скопје, и тоа во вредност од 172 милиони денари (2,8 милиони евра) за изградба, реконструкција и покривање на Усјански канал – Прва фаза, со фирмата ЈУ-Бај 2 Амет Скопје.

Третиот според вредност тендер на локално ниво е на Општина Штип, склучен со фирмата Тритерол петрол ДООЕЛ Скопје, за набавка на екстра лесно масло за домаќинство за потребите на зградата на ЕЛС, на основните општински училишта, на средните општински училишта и на градинките, во вредност од 165 милиони денари, односно 2,5 милиони евра.

И на ниво на одделни општини се забележува концентрација на една фирма со удел во набавките на една општина и до 50 %, а тоа да не е последица на малиот обем јавни набавки наспроти високи трошоци за набавка на електрична енергија.

Висока концентрација на една фирма во вкупната вредност на јавните набавки е воочена кај општините Боговиње, Босилово, Василево, Дојран, Кавадарци, Илинден, Кисела Вода, Кичево, Свети Николе, Струмица и Штип, велат од ЦГК.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Пад на вредноста на јавните набавки на општините за една третина, во Скопје дури за 68%

Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Кој е Беким Реџепи, заменикот на Бочварски во Министерство за транспорт и врски

Редакција

Кој ја реконструира Универзална сала, која се запали

Редакција

Каков имот пријавила Беса Адеми, новата претседателка на Врховниот суд

Редакција