Членството во Европската Унија во 2030 година е остварлива цел. Треба да дадеме се од себе во смисла на реформите, а очекувам дека ЕУ ќе најде и смогне сили да го стави проширувањето на својата приоритетна листа, порача премиерот Димитар Ковачевски на лидерскиот панел на Бледскиот стратешки форум што вчера и денеска се одржува на Блед под мотото „Солидарност за глобална безбедност“, јави известувачот на МИА.
-Уверен сум дека Северна Македонија покажа оти може да носи тешки и храбри одлуки и по секоја од нив излеговме како посилна земја. Од старите земји кандидатки, сме најдобри во многу аспекти во смисла на имлементирањето на европското законодавство, микро финансиската стабилност што е докажано од ЕУ и инструментите на ЕУ. Затоа велам дека 2030 е остварлива како цел, рече Ковачевски.
Посочи дека земјава стана кандидат за членство во ЕУ уште пред Солунскиот процес во 2003 година.
-Во тоа време не бевме Северна Македонија, туку Македонија. Црна Гора не беше независна и Косово не беше независно. Ете колку долго траеше процесот, и кога велите 50 отсто во земјата се за ЕУ, тогаш јас би рекол дека ова е голем оптимизам, по 20 години. Има многу фрустрација.
Има други истражувања на јавното мислење кои велат дека 80 отсто од граѓаните на Северна Македонија се за европска интеграција и проевропски ориентирани, а истовремено 80 отсто од граѓаните се против блокадите кои доаѓаат една по друга. Овие блокади доаѓаат од земји членки на ЕУ во бранови кои што се користат главно за нивната домашна политика, а не за меѓународната сцена, рече Ковачевски.
Членството во ЕУ, како што рече, е единствената алтернатива за земјите од Западен Балкан, затоа што нивните економии се поврзани.
-Имав можност да ги видам моите Македонци кои живеат и работат во Копер, но исто така забележав кога одите долж ривиерата како да се наоѓате во БиХ, затоа што сите келнери доаѓаат од БиХ. Зошто? За повисоки плати.
И кога ги прашувам како ви е, тогаш велат не може полошо, затоа што работиме на 50 степени на сонце, на терасите. Потоа видов неколку македонски студенти кои работат во кафетериите, знаете што ми кажаа – „Ве молиме направете се, да ја внесете нашата земја во ЕУ, сакаме да се вратиме дома и да работиме во земја на ЕУ, но дома, не овде, во Словенија“, истакна Ковачевски.
За албанскиот премиер Еди Рама, пак, не е реално во 2030 година земјите од Западен Балкан да бидат полноправни членки на Унијата, но посочи, дека е добро до тогаш да се видат конкретни потези и чекори што ги презема ЕУ.
За премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ 2030 година е многу далеку и смета дека неговата земја, која прва во регионот уште во 2012 година ги почна преговорите за членство, треба многу побрзо да се интегрира, бидејќи нема никакви отворени прашања со соседите и постојано работи на подобрување на судството и борбата против корупција.
-Ние политичарите од Западен Балкан знаеме што сакаме – полноправно членство во ЕУ веднаш, а европските политичари се уште не знаат што сакаат, рече Абазовиќ.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Мишел од Блед порача дека до 2030 година ЕУ треба да биде подготвена за ново проширување
МИА/Фото: Влада