еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Авиосообраќајот денеска ќе се одвива нормално, одложен штрајкот на контролорите на летање

Штрајкот на контролорите на летање што беше најавен за денеска е одложен и ќе нема прекини на летовите на аеродромите во Скопје и Охрид, ниту пак редуцирање на опслужувањето на прелетите, информираа синоќа од Министерството за транспорт и врски и Струковиот синдикат на контролорите на летање (ССКЛ).

Договорот за одложување на штрајкот е постигнат на средба што ја одржаа министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и раководствата на ССКЛ и на Македонска навигација М-НАВ.

Претседателот на ССКЛ Александар Тасевски за МИА изјави дека добиле уверување за исполнување на поставените барања, со гаранција за нивна реализација од министерот Бочварски.

– Постигнат е договор да се одложи штрајкот, барањата ги оценија како легитимни, а како гарант за нивната реализација стои министерот Бочварски и неговиот Кабинет. Договорено е да има постојана коодинација и средби во наредниот период за да се спроведат, изјави Тасевски.

Од Министерството за транспорт во соопштение информираа дека на средбата е постигнат договор за согласност за решавање на барањата кои беа отворени од страна на Струковиот синдикат на контролорите на летање во Македонска навигација.

-Го поздравуваме потпишувањето на колективниот договор и одлуката за ангажирање на консултантска фирма која професионално ќе изврши функционална анализа за подобрување на функционирањето на претпријатието. Продолжуваме со заеднички координации да работиме за целосно реализирање на превземените обврски од двете страни.

Се согласивме да работиме на подигање на нивото на транспарентноста за сите прашања, се до изработката на студијата која ќе ги даде идните правци за развој на претпријатието.

Со ова ја информираме јавноста дека штрајкот ќе биде одложен, со цел давање на простор за надминување на отворените прашања. Министерството за транспорт и врски заедно со менаџментот на М-НАВ стои на ставот за спроведување на барањата на синдикатот, стои во соопштението.

Средбата во Министерството за транспорт се одржа во пресрет на штрајкот што Синдикатот го најави за денеска од 11 до 17 часот, во кој период требаше да бидат прекинати полетувањата и слетувањата на Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, а  услугите за прелетите над македонското небо да бидат намалени за половина од редовните.

Откако Синдикатот го најави штрајкот поради, како што информираше, „непрофесионално однесување од директорите во однос на вработувањата и внатрешните прераспоредувања, несоодветните услови за работа и опрема“, од М-НАВ ги отфрлија тврдењата, одржаа средба, но без позитивен исход, по што следуваше поканата за состанок во ресорното Министерство.

Клучните барања на Синдикатот се во однос на постапките за вработување, бараат да нема вработувања на друг кадар освен контролори на летање и инженери и техничари, се додека не се направи нова систематизација што ќе биде базирана врз резултатите од студијата што ќе ја подготви консултантска фирма за што се потребни пет до шест месеци.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

„Работите излегоа од контрола“: Твитер реакции за штрајкот на контролорите на летање

Стрес заради застарени системи и субстандардни услови за работа: Здружението на контролори на летање го поддржува штрајкот

Поради нерегуларности при вработувањата, контролорите на летање најавија штрајк на 12. октомври

МИА/Фото: ТАВ Македонија

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Торба со пари пронајдена кај Австриец кој почина во несреќа на патот Тетово-Попова Шапка

Редакција

Колкави примања имале членовите на Управниот одбор на струмичко Единство лани

Редакција

Во мај во ЕУ за првпат произведена повеќе струја од сончева енергија отколку од јаглен

Редакција