Министерот за здравство, Фатмир Меџити денеска најави враќање во функција на КАТО системот за дозирање и контрола на терапијата на пациентите на Клиниката за радиотерапија и онкологија.
„Би сакал да информирам дека пред неколку дена ги завршивме и последните стручни консултации со претставници на КАТО, пред објава на тендерот потребен за враќање во функција на овој систем.
КАТО системот ќе се врати во функција со средства обезбедени со ребаланс на буџетот, a со неговото ставање во функција ќе обезбедиме прецизно дозирање, безбедно чување на цитостатиците и долгорочна заштита од евентуални злоупотреби,“ рече Меџити.
Акцелератор, купен пред седум години, пак се очекува да се стави во употреба за околу три месеци.
„По инсталација на новиот акцелератор кој беше купен пред седум години, на располагање оваа клиника ќе има четири акцелератори кои ќе бидат наменети за потребите на пациентите со малигни болести.
Важно е јавноста да знае дека во моментот на Клиниката за радиотерапија и онкологија има воспоставено нов систем на работа кој е поставен така што секој пациент ја добива соодветната терапија, согласно ажурирани клинички протоколи, упатства за дијагноза, третман и за следење на пациентите со верифицирана малигна болест,“ рече Меџити.
Фото: МЗ