Во организација на МАНУ – Истражувачки центар за генетско инженерство, Медицинскиот факултет и Фармацевтскиот факултет при УКИМ и фармацевтската компанија Рош се одржа форумот за Персонализирана медицина и геномско профилирање.
Се дискутираше како да се унапреди персонализираната медицина во пракса.
Поврзаноста на генетиката на канцерот со персонализираната медицина, интегрирање на националната инфраструктура со цел подобрување на патот на пациентите со канцер и сеопфатна стратегија за примена на персонализираната медицина во онкологијата, се темите на кои се дискутираше на Првата конференција за персонализирана медицина и геномското профилирање.
Дискусиите се водеа од медицински, фармацевтски и научен аспект со говорници од домашните институции, но исто и советници и здравствени експерти од Велика Британија, Италија, Хрватска.
Геномското профилирање и примена на иновативната терапија е во фокусот и на Министерството за здравство.
„Паралелно се вложува и во персонализиран пристап во дијагностиката и третманот на пациентите. Посебно внимание посветуваме на сеопфатното геномско профилирање, како и на воведувањето и примената на иновативни терапии кои се препишуваат на пациентите исклучиво врз основа на претходно направени тестирања и проценка дека токму таа терапија ќе биде ефикасна за конкретниот пациент.
Имајќи предвид дека персонализираната медицина подразбира и континуиран развој на дигитализацијата, во соработка со надлежните институции со заеднички заложби работиме и во оваа насока,“ истакна заменик-министерката за здравство, Маја Манолева.
За интегрални сегменти, особено околу генетиката на канцер, геномските тестирања и можностите за унапредување на третманот на онколошките пациенти со помош на прецизната медицина, зборуваше Ана Данева, советничка за здравство на претседателот на Владата.
„Ние со нашето скромно вложување во овој сегмент во последниве години сме насочени да овозможиме што поголем пристап на иновативната терапија што е од особена важност во третманот на пациентите.
Она што е важно во индивидуалниот пристап започнува со проценка на фамилијарните предиспозиции и ризикот од развој на одредени заболувања со помош на генетски тестови, продолжува преку целни програми за превенција и рано откривање на болестите, што е основна задача на здравствениот систем, па се до точна и навремена дијагноза која овозможува индивидуализирана третманска стратегија.
Персонализираната медицина го надминува пристапот ‘едно-решение за сите пациенти со одредена болест’ и му се посветува на секој поединец, според неговите потреби,“ истакна Данева.
Во дефинирање на вредноста на персонализираната медицина од локална перспектива, еден од клучните чинители е улогата на Фондот за здравствено осигурување и мерките што ги презема за ефикасно реалоцирање на средства со цел да се овозможи индивидуализирана, поефикасна дијагностика и третман на пациентите со канцер.
На Конференција за персонализирана медицина и геномското профилирање, беа изнесени и искуствата од примената на персонализираната медицина во Хрватска. Во однос на интегрирањето на прецизната медицина во едукацијата и сеопфатна стратегија за примена на персонализираната медицина, свое мислење даде и експертската јавност.