Денеска во Кривичниот суд во Скопје во завршниот збор на судењето за автобуската несреќа кај Ласкарци во која загинаа 16 лица, а 30 беа повредени, јавниот обвинител Дарко Јакимовски побара најстрога каза за сите обвинети, зависно од одговорноста.
Во овој случај се обвинети се Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари и возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.
Тројца вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, се товарат за соучество во истото дело.
Како што посочи Јакимовски кај сите обвинети постоела безобѕирност во постапувањето и било прашање на време само по која основа, како што рече „хаосот на работењето можел да резултира со вакви или слични последици“.
Тој меѓудругото рече и дека сите имале правна должност да спречат да не дојде до несреќата и посочи дека смета оти не се работи за лекомисленост, бидејќи, како што рече, штетните последици можеле да ги спречат.
– Предлагам обвинетите најстрого да бидат санкционирани за делата кои им се стават на товар. Станува збор за особено тешки последици, некои од оштетените ќе живеат со тие трауми цел живот, рече Јакимовски.
Побара и на сите обвинети да им се забрани вршење на професија.
Несреќата се случи на 13. февруари 2019 година.
Фото: Унсплеш