Бизнис-планот за 2024 година, донесен со одлука на Управниот одбор на Алкалоид АД Скопје, на седницата одржана на 27.12.2023 година, предвидува инвестирање на околу 10% од консолидираните приходи од продажби во материјални и во нематеријални средства, раст од 10% на консолидираните продажби во однос на реализираните во 2023 година, како и раст од 7% на консолидираниот профит пред оданочување во однос на 2023 година, информираат од компанијата преку Македонската берза.
-Бизнис-планот за 2024 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи, достапни за компанијата во моментот на изготвување на планот.
Околностите и настаните во 2024 година, а со тоа и остварените резултати, може да варираат од прикажаните во Бизнис-планот, велат од таму.
Очекувања за претстојниот период
Трендот на работење во отежнати економски услови кои беа актуелни во изминатите неколку години сосема е извесно дека ќе продолжи и во 2024 година, велат од таму.
-Доминанти предизвици беа инфлацијата и порастот на каматните стапки кои сепак, според сите очекувања, би требало да влезат во зоната на стагнација а можеби и благо опаѓање.
Секако безбедносните глобални кризи го отежнуваат економскиот амбиент и предвидливоста што секогаш може да повлијае и на цените на енергенсите, да создаде потешкотии кај ланците на испораки но и да повлијае на достапноста на одредени материјали.
Очекуваме во 2024 година да продолжиме по патеката на континуираниот раст базиран на можностите од нашите тековни инвестиции во новите производни капацитети и опреми и вложувањата во развојноистражувачките проекти, на тој начин создавајќи конкурентно портфолио и можности за ширење на пазарите.
За остварување на овие цели ќе продолжиме и со нови вработувања во земјава но и на странските пазари, притоа континуирано вложувајќи во подигнување и усовршување на нивото на знаења и вештини на нашите вработени и градење на таленти, велат од Алкалоид.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Алкалоид лани имал 232 нови вработувања
Фото: Алкалоид