Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека во текот на вчерашниот ден имало вкупно 34 пожари на отворен простор, од кои шест се уште се активни, а еден е ставен под контрола.
Активни се пожарите кон селата Крушевица, Чумово и Селце и накај место викано „Чуле“ на Селечка Планина. На овие места горат нискостеблеста вегетација, сува трева и борова шума.
Активен е и пожарот во подрачјето на Општина Чашка, во регионот на селото Ораов Дол, каде горат ниска вегетација, мешана, борова и липова шума.
Нискостеблеста шума гори во Општина Петровец, кај селата Брезница, Градманци и Катланово.
Во штипскиот регион, има активен пожар кај селата Хаџи Хамзали, Едеклерци и Топлик, како и во подрачјето на полигонот „Криволак“, каде се опожарени нискостеблеста шума, смреки и сува трева.
Мешана шума гори во Општина Чучер Сандево, на територија на село Танушевци, кај место викано „Рамно“.
Сува трева и мешана шума горат во село Десово, Општина Долнени.
Пожарот на градската депонија во Општина Крушево пак е ставен под контрола.
Фото: ЦУК