Шаховскиот Клуб АЛКАЛОИД, продолжува со настапите на Европскиот Клупски Куп, кој оваа година се одржува од 11 до 18.10.2018 година во Порто Карас, Грција.
Во 2016 година ШК Алкалоид го освои Европскиот Клупски Куп и ја понесе титулата Европски Шампион! Турнирот се одржа 06-12.11.2016 во Нови Сад, Србија.
ШК Алкалоид ја освои титулата со 12 бодови во седум мечеви (пет победи и два нерешени меча, без пораз!). Европското клупско злато е освоено во годината кога клубот одбележа 40 години од своето формирање.
Во 2017 година ШК Алкалоид продолжи со успешен настап на Европскиот Клупски Куп и во Анталија, Турција 07-15.10.2017 година, го освои второто место, вице-шампионската позиција.
Исклучителен екипен резултат со освоени 11 бода (пет победи, еден нерешен меч и еден пораз).
Успехот беше уште поголем имајќи предвид дека беше комплетиран со четири златни и еден сребрен медал за индивидуални резултати по табли: Ding Liren сребро на прва табла, Dmitry Andreikin злато на трета, Yu Yangyi злато на четврта, Dmitry Jakovenko злато на петта и Yuriy Kryvoruchko злато на шеста табла.
Во 2018 година боите на клубот продолжуваат да ги бранат стандардните 6 врвни светски велемајстори од Кина, Русија и Украина, заедно со двајцата најдобри македонски играчи: Ding Liren, Yu Yangyi, Dmitry Jakovenko, Dmitry Andreikin, Eljanov Pavel, Yuriy Kryvoruchko, Трајко Недев и Филип Панчевски.
Капитен на екипата е Драгољуб Јаќимовиќ. Со тоа на одличен начин продолжува да се негува тимскиот дух на екипата, кој се покажува како исклучително значаен фактор во успешните настапи претходните години.
Редоследот на играчите е според моменталниот рејтинг, а конкретниот распоред по табли официјално се објавува на самиот почеток на натпреварите.
Вообичаено, конкуренцијата е многу силна: Odlar Yurdy – Азербејџан (минатата година освоија бронзен медал) AVE Novy Bor – Чешка, Mednyi Vsadnik St. Petersburg. За одбележување е учеството на светскиот шампион, норвешката спортска звезда Велемајсторот Магнус Карлсен – во составот на Valerenga Sjakklubb.
Претставување на екипата:
Ding Liren, велемајстор, Кина
Ding Liren (роден 1992), член на кинеска репрезентација со која освојува златен медал на Олимпијадите 2014 и 2018 година, како и на Светското Екипно Првенство 2015 и 2017 година.
Ding е трикратен шампион на Кина (2009 – на 16 годишна возраст, 2011 и 2012 година).
Во септември 2017 стигнува до финалето на Светскиот Куп, со што се квалификува за Турнирот на кандидати за предизвикувач на Светскиот Првак. Тој е првиот Кинески шахист во историјата што постигнал ваков успех. Во март 2018, на Турнирот на кандидатите се пласира на 4 место (од 8 учесници).
Во 2017 година, на Европскиот Клупски Куп освои сребрен медал за индивидуален резултат на прва табла за екипата на ШК Алкалоид.
Во август 2018 година ја поминува рејтинг границата од 2800 поени, искачувајќи се на 4 место на светската ранг листа!
На Шаховската Олимпијада што заврши пред неколку дена во Батуми, Грузија, Ding Liren заедно со Yu Yangyi, ја предводеа репрезентацијата на Кина (играјќи на прва, односно втора табла) до второ олимписко злато. При тоа, Динг освои и златен медал за најдобар индивидуален резултат на прва табла.
Yu Yangyi, велемајстор, Кина
Yu Yangyi (роден 1994), член на кинеската репрезентација со која освојува златен медал на Олимпијадите 2014 и 2018. За екипата на ШК Алкалоид на Европскиот Клупски Куп, освојува златен медал за индивидуален резултат, и тоа во 2015 на шеста табла, а во 2017 на четврта табла.
Исклучително брзо напредува, и со актуелен рејтинг 2765 е 12-то рангиран играч во светот.
Andreikin Dmitry, велемајстор, Руска Федерација
Andreikin Dmitry (роден 1990) член на Руската шаховска репрезентација; Светски јуниорски првак за 2010 година и Шампион на Русија за 2012 година, два пати член на шампионска екипа на Европски Клупски Куп (2009, 2010), два пати (2008 и 2012) златен медал за индивидуален резултат на Европски Клупски Куп. Во 2017 година, на Европскиот Клупски Куп освои златен медал за индивидуален резултат на трета табла за екипата на ШК Алкалоид.
Во август 2018 повторно ја освојува титулата Шампион на Русија!
Jakovenko Dmitry, велемајстор, Руска Федерација
Jakovenko Dmitry (роден 1983), член на Руската репрезентација; Европски шампион за 2012 година; Светски јуниорски првак до 18 години во 2001 година. Со Руската репрезентација Првак на Европскиот Екипен Шампионат за 2007 година и носител на сребрен Олимписки медал за 2012 година, два пати златен медал за индивидуален резултат на Олимпијада (2008 и 2012), два пати член на шампионска екипа на Европски Клупски Куп (2005, 2006). Во 2017 година, на Европскиот Клупски Куп освои златен медал за индивидуален резултат на петта табла за екипата на ШК Алкалоид.
Eljanov Pavel, велемајстор, Украина
Eljanov Pavel (роден 1983), стандарден член на Украинската репрезентација со која има освоено две олимписки злата. Во 2015 година на Светскиот Куп низ систем на меѓусебни елиминации од 128 учесници на стартот стигна до полуфинале, во кое беше поразен од победникот на турнирот, два пати член на шампионска екипа на Европски Клупски Куп (2009 и 2010).
Kryvoruchko, Yuriy, велемајстор, Украина
Kryvoruchko Yuriy (роден 1986) член на Украинската шаховска репрезентација; Шампион на Украина за 2013 година и континуирано член на ШК „Алкалоид“ во последниве 7 години. Во 2015 година го има вториот најдобар индивидуален резултат на Европски Клупски Куп. Во 2017 година, на Европскиот Клупски Куп освои златен медал за индивидуален резултат на шеста табла за екипата на ШК Алкалоид.
Недев, Трајко, велемајстор, Македонија
Недев Трајко (роден 1973), член на Македонската шаховска репрезентација, со која освојува сребрен медал за индувидуален резултат на Олимпијата 1996 и Европското Екипно Првенство 2003 година. Шампион на Македонија 1997, 2000 и 2011.
Панчевски, Филип, интернационален мајстор, Македонија
Панчевски Филип (роден 1988), член на Македонската шаховска репрезентација. Шампион на Македонија 2010, 2012, 2014, 2016.
Драгољуб Јаќимовиќ, велемајстор, капитен
Јаќимовиќ Драгољуб (роден 1964), како член на Македонската шаховска репрезентација освојува златен медал за индивидуален резултат на Олимпијадата 2000. Долгогодишен селектор на репрезентацијата. Капитен на екипата на ШК Алкалоид од 2009 година.