Единечниот Биланс на успех на Алкалоид АД Скопје за периодот јануари – септември 2024 година покажува дека компанијата остварила продажби од 9.997.468.062 денари, што е за 9 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година, информираат од компанијата.
Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 14.236.125.924 денари, што е за 14 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година.
-Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за 20 %, а вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 12 %.
Компанијата, преку своите застапувања на производите на светски реномирани фармацевтски производители, активно учествува во обезбедувањето најсовремени ретки и специфични терапии, со што како докажан партнер на јавното здравство обезбедува значителна поддршка за здравствениот систем во земјава.
Иако профитабилноста на овие програми е ограничена, тие значително го зголемуваат учеството на домашниот пазар во вкупните консолидирани продажби, велат од таму.
Од вкупните консолидирани продажби 32 % се остварени на домашниот пазар, додека, пак, 68 % се остварени на странските пазари.
Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 27 %, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 21 %, во земјите од Источна Европа (ЗНД, УКР…) се остварени 19 %, а на другите пазари е остварен 1 % од вкупните консолидирани продажби.
Најголем пораст кај извозните пазари, во споредба со минатата година, бележат продажбите остварени на Кипар, кои се зголемени 36-пати; потоа во Грузија, каде што се зголемени 2,5-пати, во Велика Британија, каде што се зголемени 2,4-пати, како и во Литванија, каде што продажбите се удвоени.
Потоа следуваат оние во Украина (раст од 80 %), Чиле (раст од 78 %), Јордан (раст од 27 %), во Ерменија (раст од 19 %), Албанија (раст од 18 %), САД (раст од 16 %), во Хрватска (раст од 14 %), Босна и Херцеговина (раст од 11 %), Црна Гора (раст од 10 %), во Словенија (раст од 9 %) итн.
Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 90 %. Од нив поголем удел имаат антибиотиците со 27 %, препаратите ОТЦ со 18 %, невролошките препарати со 12 %, кардиолошките препарати со 11 % од вкупните консолидирани продажби итн.
Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 10 % во вкупните консолидирани продажби, поточно хемија учествува со 2 %, козметика со 7 %, а билкарство учествува со 1 %. Вкупните продажби бележат пораст кај профитните центри Фармација, Козметика и Билкарство, додека, пак, кај Хемија има намалување во споредба со остварените во истиот период од 2023 година. Сегментот фармација бележи раст од 15 %, хемија пад од 3 %, козметика раст од 7 %, а билкарство раст од 11 %.
Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 2.295.936.326 денари, бележи зголемување од околу 9 %, додека, пак, единечната нето-добивка изнесува 1.435.396.154 денари и е, исто така, зголемена за 10 %.
Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 2.339.118.233 денари и бележи раст од 5 %, додека, пак, консолидираната нето-добивка во износ од 1.381.386.743 денари е зголемена за 7 %.
При извршувањето на оперативните активности Алкалоид АД Скопје ангажираше повеќе од 1.000 домашни добавувачи.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Во Алкалоид во третиот квартал 222 нови вработувања во Македонија
Алкалоид во третиот квартал инвестирал 16,5 милиони евра