Денеска во Кочани се одржа седмиот „Марш за ангелите“. Семејствата на настраданите преку транспаренти порачаа дека „Моќта на луѓето е посилна од луѓето што се на моќ“,„Не чекајте катастрофа, дејствувајте сега“, „Ефективен притвор“ „Секој може да е следен“, „Системот убива“.
„Нашиот глас е гласот на оние кои трагично заминаа во огнот. Молк што зборува повеќе од илјада зборови, ама нема да трае вечно како вашето судење,“ порачаа родителите.
Маршот започна во 16:05 часот од Паркот на Револуцијата и ќе продолжи кон Трговскиот центар по што учесниците ќе се упатат кон општинската зграда, а оттаму кон Полициската станица и пред Основниот суд и Обвинителството во Кочани.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски изјави дека за десетина дена треба да заврши истрагата и дека се испрашани над 300 лица.