Припадниците на Движењето против уставните промени „Македонија блокира“ продолжија со доставување протестни писма до пратениците на опозицијата кои гласаа за отворањето на прашањето за уставни измени.
Тие синоќа ги посетија домовите на охридските пратеници Сашо Василевски и Љубен Арнаудов, на кои им го предадоа писмото во кое се апелира од нив како народни избраници да ја почитуваат волјата на граѓаните на Македонија, кои според нив, го кажале својот став по уставните измени со неизлегувањето на Референдумот.
Истовремено тие бараат од пратениците да го сменат својот став на второто изјаснување во Собранието кога ќе има потреба од двотретинско мнозинство.
Пратеникот Василевски на припадниците на „Македонија блокира“ пред неговиот дом им укажа дека писмото го доставуваат на погрешна адреса, односно дека тоа треба да се испрати до неговата партија ВМРО-ДПМНЕ.
-Како пратеник од Охрид сакам само да кажам дека треба да имате верба…Работата е премногу сериозна и јасна, ова се притисоци што не можат да поминат. Ова писмо е задоцнето, а и треба да се однесе на адреса на мојата матична партија, каде не преземаат никакви активности за релаксирање на состојбите, рече Василевски нагласувајќи дека зеленото копче го притиснал без притисок, со цел еднаш засекогаш да бидат ставени зад врата „лажниот патриотизам и национализам“.
Василевски уште истакна дека негово убедување е дека Република Македонија нема алтернатива на членството во НАТО и во ЕУ, оттаму и неговото изјаснување во таа насока.
-Македонија има единствен пат, да станеме членка на ЕУ и на НАТО асоцијацијата. Како пратеник ќе се борам да го јакнеме и стратешкото партнерство со САД, затоа што најкусиот пат до двете асоцијации е преку Вашингтон, рече Василевски.
Што се однесува на внатрепартиските случувања во опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Василевски рече дека сегашното раководство на партијата е изолирано од Европската народна партија, а за лидерот на партијата забележа дека не смее да се крие зад народот односно како што рече „зад виртуелни 1,2 милиони гласачи“.
-Тоа е недозволиво, лидер на најголемата политичка партија во Македонија да се крие зад народот, рече Василевски притоа нагласувајќи дека тој останува дел од неа, независно што е исклучен, уверувајќи дека партијата ќе се демократизира.
Од пред домот на Василевски, учесниците на протестниот марш се упатија и кон домот на пратеникот Љубен Арнаудов.
Протестно писмо во средата беше доставено и до пратеникот Крсто Мукоски во неговиот дом во Вевчани, а од „Македонија блокира“ најавија дека такви писма ќе бидат доставени до секој од пратениците на опозицијата што гласаа за уставни измени.
МИА/фото: А1он
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Видео) Василевски: Доставувањето на протестното писмо беше проследено со вулгарности и е на погрешна адреса
(ВИДЕО) Од „Македонија блокира“ му ја пееја „Едно име имаме“ на Крсто Мукоски пред неговиот дом