Премиерот Зоран Заев по денешните реакции на невладината „О2 Иницијатива“ дека во презентацијата на проекциите за буџетот за 2019 година на ниту едно место не се споменува заштитата на животната средина изјави дека пари за оваа намена се проектирани и оти конечниот дел од средствата за оваа намена ќе биде соопштен штом предлог-буџетот биде усвоен на владина седница.
– Утре имаме владина седница само за предлог-буџетот, а и претходната точка на владината седница е екологија што значи дека за првпат ако Владата даде поддршка на предлог-буџетот, ќе отвориме посебна програма за животна средина каде сакаме да ги канализираме сите фокуси на животната средина, посебно актуелниот момент со загаденоста на воздухот. Штом Владата го усвои Предлог-буџетот, ќе го соопштиме конечниот дел на средствата што ќе бидат за животна средина. Верувам дека тие средства ќе се зголемат – изјави Заев.
Невладината О2 иницијатива денеска преку соопштение реагираше дека во вчерашната презентација на Предлог-буџетот на ниту едно место не се споменува заштитата на животната средина. Оттаму побараа под итно да се измени Предлог-буџетот и во владината програма – Унапредување на животната средина да се внесе посебна потпрограма – справување со аерозагадувањето и најголем дел од средствата од собраните даноци поврзани со животната средина, да се наменат за борба против загадувањето на воздухот. Во спротивно, од О2 иницијативата бараат оставка од Владата.
МИА/ Фото: Влада
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
„О2 Иницијатива“: Итно вклучување на справување со загадувањето во буџетот за 2019 или оставка