еМагазин
Image default
НАША ТЕМА ТОП СТОРИИ

Што знаеме до сега за бегството на азилантот Груевски

Во недостаток на официјални информации од македонските власти, чија одговорност е бегството на поранешниот македонски премиер, сега пратеник, Никола Груевски, „мапата“ на неговото бегство во Унгарија ја „цртат“ регионалните медиуми и властите во Албанија, Црна Гора и Србија.

Кога избегал од Македонија?

Се уште е мистерија кога Груевски избегал од Македонија. Според српскиот претседател Александар Вучиќ, тој од Македонија во Албанија влегол на 10 ноември во 1 или 2 часот по полноќ.

Како влегол во Албанија?

Според Вучиќ тоа го направил во придружба на две лица од унгарска националност со лична карта. Според албанските власти, Груевски најверојатно влегол во Албанија нелегално, пеш. Кога точно не е познато. Албанските медиуми пак неофицијално објавија дека границата ја поминал на нелегален премин во близина на Дебар.

Како излегол од Албанија?

Информациите на Вучиќ за излегување на Груевски од Албанија се поклопуваат со тие на албанските власти. Тој излегува од земјата со дипломатско возило на амбасадата на Унгарија во Тирана со лична карта и влегува во Црна Гора. Дали веќе овде го користи и привремениот патен документ добиен од унгарските власти, нема прецизни официјални информации.

Како влегол во Црна Гора? 

Како и Вучиќ, така и црногорските власти потврдија дека Груевски транзитирал низ Црна Гора на неговиот пат до Унгарија. До сега само од црногорските власти има конкретна официјална информација дека тие ги известиле македонските власти за транзитот на Груевски.

Како излегол од Црна Гора?

Според црногорските власти и тамошните медиуми, Груевски влегол и излегол во земјата во придружба на унгарски дипломати. Се знае дека користел лична карата, а според Вучиќ веќе го користи привремениот патен документ добиен од унгарските власти.

Како влегува во Србија?

Веќе на 11 ноември во 22:27 часот, според Вучиќ, повторно со лична карта, Груевски влегува во Србија. Во земјата повторно влегува со дипломати. Медиумите објавија дека повторно станува збор за унгарски дипломати.

Како и кога излегува од Србија?

Груевски, според Вучиќ од Србија излегува и влегува во Унгарија на 12 ноември, во 5 и 11 часот со лична карта и привремениот патен документ, во придружба на две лица со дипломатски документи и дипломатско возило. Според медиумите повторно станува збор за Унгарци.

Молк од унгарските институции

Интересно е дека од унгарските власти до сега нема потврда дали Груевски патувал од Македонија до Унгарија со унгарски дипломати и дипломатско возило на Унгарија, ниту пак за привремено издадениот патен документ.

Пред да го добие азилот, од унгарските институции посочуваа дека нема да споделуваат никакви информации додека трае процедурата.

Откако го доби азилот, пак посочија дека е забрането да се споделуваат информации според нивниот закон за азил.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

10 дена молк од македонските институции за скандалозното бегство на Груевски

По бегството на Груевски и добивањето азил: Ќе стане ли Унгарија нова пречка за влезот на Македонија во ЕУ и НАТО?

Забрането е: Унгарија не може да даде детали за статусот на Груевски

Орбан: Груевски е мој сојузник, зад неговиот прогон стои Сорос

Фото: Груевски/Фејсбук

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

39-годишен маж од Скопје загина во сообраќајка на патот Штип-Кочани

Редакција

Бројката на починати од Ковид-19 надмина 5.000: Денеска 24, најмладиот на 32-годишна возраст

Редакција

Престижна награда за Завар дизајн “German Design Award 2020” во категоријата Excellent Product Design Energy

Редакција