Извршниот комитет (ИК) на ВМРО-ДПМНЕ на седница донесе одлука во наредниот период да организира протести со кои што “ќе се застане на патот на антинародната и криминална власт која секојдневно ја зацрнува судбината на македонските граѓани’, информираат од партијата.
“Првиот протест се планира за среда, 28.11.2018 година, на точно една година од најцрниот и најмонструозно конструиран процес во кој што пратеници, заедно со уметници, актери, режисери и оперски пејачи се апсеа и приведуваа за измислен тероризам.
Протестот ќе започне во 17 часот со место на тргнување од Плоштад ВМРО и ќе заврши пред Владата на Република Македонија.
ИК заклучи дека од доаѓањето на новата власт државата само тоне, а граѓаните се обвиткани во црна сиромаштија. Ова е црно време за македонската економија, во кое образованието е девастирано, земјоделието тоне, здравството е во хаос и буквално секој сегмет на општеството е завиен во црнило.
ИК на ВМРО-ДПМНЕ констатираше дека државата од страна на СДСМ се води во целосно погрешна насока и дека истата само тоне во сиромаштија, криминал и корупција“, велат од партијата.