Во состојба на целосна борбена готовност се наоѓа војската на Украина откако Русија заплени три воени бродови на украинската морнарица со образложение дека отвориле оган врз руски сили.
Инцидент се случи во Керченскиот Теснец на влезот во Азовското Море, при што имаше ранети, а кој предизвика голема ескалација во таа чувствителна зона.
Русија го потврди задржувањето на бродовите и „употребата на оружје”, обвинувајќи ги украинските бродови за „вршење нелегални активности во руските територијални води”.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, ја критикуваше „бандитската акција” на Украина. Таа рече дека прво имало провокации, потоа силен притисок, а потоа обвинувања за агресија од страна на Украина.
Овој теснец, кој е единствениот воден пат помеѓу Црното Море и Азовското Море, е стратешка оска од огромно значење за Русија и Украина.
Европската унија и НАТО ги повикаа Русија и Украина да покажат воздржаност и да ги намалат тензиите во Азовското Море.
„Очекуваме Русија да ја обнови слободата на движење во Керченскиот Теснец и ги повикуваме сите страни да дејствуваат со максимална воздржаност за веднаш да се намалат тензиите”, се наведува во реакцијата од ЕУ.
НАТО соопшти дека целосно го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, вклучувајќи ги и правата и на пловење во сопствените територијални води.
НАТО ги повика Русија и Украина на воздржаност и смирување на тензиите во Азовско Море.
Поради овој инцидент Советот за безбедност на ОН денеска ќе одржи вонредна седница.
Фото/Видео: CNN