еМагазин
Image default
Македонија

СЈО: Дејствијата на Латас во „Тотал“ застаруваат за 20, односно 40 години од моментот на извршување

Дејствијата на обвинетиот Драган Павловиќ-Латас во предметот на СЈО „Тотал“ не можат да се подведат под кривично дело „даночна измама“, затоа што неговите дејствија се строго определени како „затајувачки дејствија“.

Ова го истакна обвинителот од Специјалното јавно обвинителство, Гаврил Бубевски во врска со информациите дека со нов член што бил воведен во Кривичниот законик се отвора правна можност за застарување на делото на новинарот Латас за случајот „Тотал“.

Невладините организации што ги анализирале новите измени толкуваат дека со воведувањето на новиот член 279 а – даночна измама, може да се направи преквалификација на обвинението за овој предмет, да се намали казната и застареноста да настане многу порано.

„Дејствијата на Латас се отсликуваат во она што е „даночното затајување“ и постапката се води за „даночно затајување“. Застарувањето за тоа кривично дело за кое што се гони обвинетиот почнува да тече од времето на последното дејствие. Последното дејствие е 2015 година, даночната 2015 година, и релативен рок на застареност е 20 години, а апсолутен рок на застареност е 40 години. Значи тогаш застарува апсолутно ова кривично дело што не може да трпи измени и да биде „даночна измама“ затоа што е сосема друго“, појаснува обвинителот Бубевски.

Тој додава дека двете кривични дела се дивергентни – различни во суштината.

„„Даночното затајување“ во суштина е кога со прикажување на лажни факти тој ја намалил даночната обврска и затаил износ што доколку не прикажал лажни факти би требало да ги плати на државата и избегнал даночна обврска“, вели Бубевски.

Во „даночната измама“, пак како што додава, е сосема друго.

„Во „даночната измама“ фирмата и одговорното лице на фирмата зема нешто од државата, ја мами државата со лажно прикажување дека остварил право на поврат на ДДВ што воопшто не го остварил затоа што немал таков промет и од државата по основ на поврат на ДДВ бара пари и ја мами државата.

Државата му дава пари што не треба да му ги даде и тоа се две различни – овде ја мами државата, зема туѓи пари, а овде парите што ги заработил и кои по Закон треба на име на данок да ги плати ги затајува и не ги плаќа на различни начини. Тие се две дивиргентни дејствија и сосема се различни едни од други“, истакнува обвинителот на СЈО.

Драган Павловиќ-Латас е обвинет во предметот „Тотал“ затоa што, според СЈО, давал лажни податоци во завршните сметки и даночните пријави при што преку правните лица „Тотал маркетинг” ДООЕЛ, „Тотал медија центар” и „Медијамакс” затаил данок во износ од 7.466.981 денар или 121.414 евра, а лично како физичко лице затаил 3.876.471 денар или 63.032 евра.

На прашање во врска со застарувањето на предметот „Труст“, за што стана збор на вчерашниот брифингот на новинарите со граѓанските организации од проектот „За правда“, Бубевски посочи дека застарувањето се смета од највисоката можна казна што може да се изрече.

„Највисоката за тој предмет е 15 години во времето на извршување. Значи, за гонење за која што може да се изрече казна од 15 години казна затвор застарувањето е исто 20 години затоа што е поведена постапката во тие 20 години, застарувањето е двојно – 40 години. Значи, „Труст“ би застарел, евентуално во 2051 година. И апсолутно нема стравување од застарување на тие два предмети“, појаснува обвинителот Бубевски.

Бизнисменот Сеад Кочан е осуден на шест години затвор за предметот „Труст“. Второ обвинетиот Василие Авриовиќ во овој случај доби три години затвор.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Заев не открива детали за барањата на Бугарија

Редакција

(Фото) Левица: Избрусени зборовите „бугарски фашистички окупатор“ од спомен плочата во чест на Богомилскиот марш

Редакција

Заболените од корона вирусот кај нас, од утре ќе почне да се лекуваат со крвна плазма и примена на озонотерапија

Редакција