еМагазин
Image default
Бизнис

Ќе расте цената на закуп на деловен простор во Скопје

Новите проекти кои се очекуваат во 2019 година ќе ја зголемат вкупната понуда на канцелариски простор за речиси десет отсто (за 24.000 метри квадратни), но не се очекува промена на висината на закупнините, велат од  Fortonmka, консултантска компанија за комерцијални недвижнини и партнер на глобалната алијанса на Cushman & Wakefield – најголемата приватна консултантска компанија за комерцијални недвижности во светот.

Цените на закуп се движат од 11 до 15 евра/метар квадратен за класа А канцелариски простор во централното бизнис подрачје и од 9 до 11 евра/метар квадратен за класа А канцелариски простор во останатиот дел од Скопје.

Додека, пак, за класа Б канцелариски простор, закупнините се позиционираат од седум до десет евра/метар квадратен во централното градско подрачје и од пет до седум евра/метар квадратен во останатиот дел од градот. Времето за поврат на инвестиција за канцелариски простор е 11,5 години.

– Пазарот бележи зголемен интерес и потреба за инвестиција во проекти таканаречени „уредени за свои потреби” или ,,Build-to-suit” концепти според специфичните барања и потреби на потенцијален закупец. Проектот Skopje East Gate ќе понуди модерен канцелариски простор според ,,Build-to-suit” концептот со вкупна нето површина од 66.000 метар квадратен, распоредени во пет кули, велат консултантите од Fortonmka.

Богоевски нагласи дека со само 0,15 отсто слободен простор од вкупната понуда на малопродажен простор од 105.157 метар квадратен во трговските центри / молови, градот Скопје има голема потреба од малопродажни објекти од овој тип.

„Најголемиот проект од овој тип во државата и „new generation mall” ќе биде Skopje East Gate, со нето површина за изнајмување од 52.000 метри квадратни, ќе биде изграден и доставен на пазарот кон крајот на 2020 година. Интерес и потреба од ваков тип на малопродажни објекти има и во останатите градови во државата.

Во врска со цените за закуп на малопродажен простор, тие се стабилни и изнесуваат 39 евра за метар квадратен на главните локации во трговските центри – молови и 30 евра за метар квадратен за малопродажен простор на главните пешачки зони.

Заради рекордно нискиот процент на слободен простор во трговските центри, се очекува пораст на цените на закуп. Времето за поврат на инвестиција за малопродажен простор е 11 години”, вели Влатко Богоевски, извршен директор на Fortonmka.

Во Fortonmka потенцираат дека пазарот на индустриски простор е меѓу најбрзорастечките во индустријата. Најголем број од инвестициите во индустриски простор се концентрирани во индустриските зони околу главниот град Скопје и во слободните индустриски зони, кадешто инвеститорите уживаат низа даночни бенефиции.

Нови 106.000 метри квадратни индустриски простор се во изградба (започнати во 2018 година), а процентот на слободен простор во постоечките капацитети е околу 30 отсто.

Закупнините на индустриски простор во голема мерка зависат од големината и состојбата на просторот, како и од локацијата, па тие се движат помеѓу 3,5 до 5 еур/метар квадратен, а во одредени зони и специфични индустрии цените на закуп се и повисоки. Времето за поврат на инвестиција за индустриски простор е осум години.

„Пазарот на инвестиции дава позитивни сигнали и влева доверба за периодот којшто следува. Сепак, стапките на принос сè уште заостануваат во однос на регионалните центри во Србија, Бугарија и Романија, како што се Белград, Софија и Букурешт”, заклучуваат во Fortonmka.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Пазар на недвижнини: Најмногу одобренија за градба во Аеродром, а најскап квадратот во Центар

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Макпетрол ќе дели дивиденда од 3.000 денари бруто по акција

Редакција

Листа на должници на УЈП: Јавни претпријатија меѓу рекордерите по неплатен данок

Редакција

Осигуреник наплатил 308.000 евра штета за осигуран имот

Редакција