еМагазин
Image default
ЖИВОТ

Во Неготино отруени два царски орли, ретки птици заштитени со закон

Две мртви птици од видот царски орел (aquila heliaca) биле пронајдени вчера во атарот на неготинското село Црвени Брегови, кај местото викано Бунарот, алармираше денеска Емануел Лисичанец, потпретседател на Здружението за зачувување на природата „Аквила” од Кавадарци.

Во изјава за МИА, тој потсети дека царскиот орел, е редок вид птица строго заштитен со Законот за природа и Законот за ловство во нашата држава, а е дел од црвената листа на видови во изумирање на Европа.

-На една од мртвите птици од страна на ММЕ – унгарскиот Birdlife Internacional, беше прицврстен сателитски предавател со помош на кој во последниве пет години беше следено нејзиното движење и животните навики. Тоа им помагаше на научниците подобро да ги проучат карактеристиките на видот.

Заради тоа загубата на оваа птица е уште посериозна. На тој начин беа и пронајдени телата на мртвите птици, следејки го сигналот од предавателот. Според знаците видливи на телата на мртвите птици (згрчени канџи и исцедок од носната шуплина), се претпоставува дека причина за смртта на птиците е отровна мамка, нагласи Лисичанец.

На оддалеченост од околу педесетина метри од позицијата на која се наоѓале мртвите птици, исто така било пронајдено мртво тело на шакал (canis aureus), што уште повеќе ја потврдувало претпоставката дека животните се жртви на илегална употреба на отровни мамки, како дел од борбата на луѓето со предаторите.

Шакалот исто така е трајно заштитен вид со Законот за ловство. Заради насилната смрт на овие заштитени видови на животни, биле повикани и на терен излегле полициски инспектори од МВР Неготино и регионален ветеринарен инспектор од Кавадарци, кои направиле увид на лице место, а телата на птиците и шакалот биле испратени на анализа во Институтот за ветерина во Скопје.

-За жал, илегалната и неконтролирана употреба на отрови заради секакви причини е широко распространета и прави огромни штети во природата. Употребата на отрови е насочена кон волците, лисиците и кучињата скитници, но за жал најчесто жртви се многу други корисни, ретки и загрозени видови на животни.

Како резултат на труење во последниве десетина години, популацијата на птиците мршојадци е доведена на критична точка пред исчезнување од нашата територија и покрај огромните напори на поединци ентузијасти, за нивно зачувување.

Многу тешко се доаѓа до информација за случаи на труење, така да голем дел од нив се провлекуваат незабележани или пак се дознава предоцна. Се надевам дека сторителите на ова труење со кое изгубивме драгоцена двојка на царски орли, ке бидат пронајдени и соодветно казнети, додаде Лисичанец.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Светиот архирејски синод на МПЦ-ОА ги поздрави одлуките на помесните цркви за признавање на нејзината автокфалност и за евхаристиско и канонско општење

Редакција

Мерките на Владата за студентскиот стандард не се ниту доволни, ниту ефикасни, утврди државна Ревизија

Редакција

Проф.Трајковски: „Можно е новиот бран да биде биде постепен, развлечен преку целата есен и зима и без голем врв“

Редакција