Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска достави до Министерството за правда три принципи на кои ќе инсистираат да се имплементираат во Предлог законот за јавно обвинителство со кој се одредува и статусот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), а кој е еден од условите за напредок во евроинтеграциите.
Како што истакна на денешната прес-конференција, Тони Менконоски кој ја предводи работната група на партијата која што учествува во разговорите со власта за усогласување на ставовите за овој закон, првиот принцип бара целосна имплементација на меѓународните стандарди кои се однесуваат на Обвинителството и на обвинителите, вториот се однесува на заштита на основните човекови права и третиот – независност, неутралност, отчетност, ефикасност и ефективност во борба против криминалот.
Според него, законот има суштински недостатоци и големи правни вакууми за понатамошното функционирање на Обвинителството, а тие нивните забелешки на 120 страници веќе ги доставиле на првиот состанок што се одржа во Министерството за правда.
Во делот на човековите права бараат да се формира посебно одделение за следење на европската регулатива и пракса на Европскиот суд за човекови права што ќе овозможи правилна примена на законите и судската пракса на овој Суд во Обвинителството, а остануваат и на ставот дека доказите кои ги поседува СЈО не може да служат во понатамошни судски постапки поради, затоа што, вели, станува збор за нелегално собрани докази од нелегитимен орган.
Остануваат и на ставот СЈО да работи како посебно одделение во рамки на Обвинителството за организиран криминал и корупција.
– ВМРО-ДПМНЕ бара избор на Јавниот обвинител по предлог на опозицијата кој ќе ја ефектуира незвисноста и неутралноста на јавниот обвинител од извршната власт.
Согласно принципот на отчетност СЈО да ги доврши започнатите судски предмети кои се поднесени до 30 јуни 2017 и согласно со законот да престане да ја извршува функцијата сегашниот персонален состав на ова Обвинителство, како и да се формира посебна анкетна комисија од страна на Собранието која ќе ја оцени неговата работа, ќе изврши увид и ќе утврди како тоа ги трошело парите.
Согласно принципот на ефикасност и ефективност во борбата против криминалот предлагаме новото одделение во рамки на Јавното обвинителство за организиран криминал како специјално јавно обвинителство и предлагамаме проширување на опфатот на предметите кои порано беа покриени со различни афери, рече Менкиноски.
Доколку се прифатат овие принципи, ВМРО-ДПМНЕ, рече Менкиноски, е подготвено активно да партиципира.
-Ние сме и имаме сериозна намера во делот на борбата со криминалот. Доколку утре се отворат предмети, но не со истите докази ние немаме намера да ги опструираме, рече Менкиноски на новинарско прашање, појаснувајќи го ставот за некористење на доказите со кои располага СЈО.
Следната средба на работните групи на власта и на опозицијата за законот за обвинителството е закажан за утре.
МИА