Според извештајот на ДИК во гласачкото место 0816 во населеното место Зајас, во општина Кичево во периодот од 15 до 17 часот гласале вкупно 297 лица, односно три пати повеќе од бројот на лица кои гласале до 15 часот, информираше генералниот секретар и шеф на Изборниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.
„Според ваквите податоци, произлегува дека за два часа успеале да гласаат 297 избирачи или во просек на секои 24 секунди гласал по еден гласач што физички е невозможно имајќи ја предвид процедурата за гласање на секои избори.
Дополнително по завршувањето на гласањето е утврдено дека во посебниот извод од избирачкиот список за избирачко место се потпишани 412 лица, оодносно 4 помалку отколку што имало ливчиња во гласачката кутија.
Кривичното дело е сторено со тоа што е дозволено од страна на избирачкиот одбор непознати лица да гласаат за други лица без да бидат проверени притоа со УВ ламба што е стандардна процедура, пронајдени во избирачки список и без да се потпишат во Избирачкиот список што исто така е стандардна процедура при секое гласање. Избирачкиот одбор е директно виновен за стореното кривично дело и за овозможување на истото кривично дело.
Отворено се сомневаме дека членовите на избирачкиот одбор не го сториле кривичното дело самоиницијативно ,туку по нечија наредба и очекуваме јавниот обвинител да се охрабри, да открие, да излезе и да каже пред граѓаните, пред јавноста кој им наредил на избирачкиот одбор да го сторат кривичното дело и нормално да преземе мерки против нарачателот на изборниот криминал кој што се случи во првиот круг од претседателските избори.
Очевидно е дека во гласачкото место 0816 е извршено полнење на кутии со гласачки ливчиња. Ова нелегално дејствие не смее да остане неказнето. Никој не смее да се осмели да ја повреди изборната волја на граѓаните. Изборната волја е волја само на граѓаните и на никој друг.
ВМРО-ДПМНЕ во насока на заштита на правото на глас на граѓаните ќе поднесе кривична пријава до Јавно Обвинителство, против сите членови на избирачкиот одбор, тоа се десет лица. И во моментот се поднесува во Јавното обвинителство во Кичево“, изјави Јанушев.
Од ВМРО-ДПМНЕ очекуваат Јавното Обвинителство веднаш да постапи по однос на кривичната пријава, земајќи го во предвид фактот дека вториот круг на гласање е во недела, а во насока на превенирање на повторно полнење на кутии во овие избирачки места или други избирачки места.