Централата на Интерпол одбива да ја објави меѓународната потерница за поранешниот премиер Никола Груевски кој доби азил во Унгарија, изјави денеска шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција, Вилма Рускоска.
Рускоска рече дека за предметот што го води за организаторите на настаните во Собранието на 27 април 2017, побарала преку полицијата да биде распишана домашна и меѓународна потерница.
Последните информации од Интерпол Македонија се дека централата на Интерпол одбива да ја објави потерницата и дека не даваат образложение, рече Рускоска пред Конференција за напредокот во борбата против организираниот криминал и корупција.
Интерпол не сака да објави меѓународна потерница и за поранешниот началник во УБК, Никола Бошкоски кој е избеган во Грција.
– Барањата за пет други лица кои беа недостапни во првиот предмет што ги испративме со наредба за истрага и решение за притвор и докази, Интерпол без проблеми ги прифати и ги објави потерниците. Но, за Груевски и Бошковски воопшто не сакаат да ги објават иако се работи за истото кривично дело, рече Рускоска.
Вели дека не знае зошто Интерпол не ги објавува потерниците иако барањето е доставено пред повеќе од два месеца.
За останатите обвинети за организирање на „27 април“, Рускоска рече дека тие заедно со нивните адвокати деновиве ги разгледуваат доказите, по што има намера да ја приврши истрагата.
МИА/Фото: Телма
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Твитер „полуде“ по новата книга на Груевски: „Гепекот беше мал ама надежта голема“
Експремиерот не мирува: Саемот за книга „збогатен“ со нова книга од Никола Груевски