Традиционалниот хуманитарен базар на училиштето „Нова“ во Скопје ќе се одржи во 11 часот во сабота (11 мај) во кампусот на оваа образовна институција, а дел од парите собрани на настанот ќе бидат наменети за Дневниот центар за деца на улица – Шуто Оризари.
Традиционална храна од различни држави, книги, ракотворби од домашни и странски уметници, лотарија, музички точки и мини – зоолошка градина се само дел од активностите кои се предвидени за манифестацијата.
– Семејниот базар е настан кој годинава се одржува по 13. пат и од година во година расте и се развива во обем. Сè повеќе луѓе го посетуваат и бројот на средства кои се собрани се зголемува. Досега сме соработувале со голем број на институции, а овој пат одлучивме дел од собраните средста да ги намениме за Дневниот центар за деца на улица и се надеваме дека ќе направат промена. Во суштина, секоја година сме отворени за соработка за различен тип на институции на кои им е потребна помош, велат од меѓународното училиште „Нова“.
Манифестацијата е организирана од Здружението на родители и професори од „Нова“ во соработка со училиштето.
Досега дел од собраните средства на настанот биле наменети и за Клиниката за педијатриска хематологија и онкологија при Универзитетската детска клиника; Домот за деца без родители „11 Oктомври“ во Скопје; Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“, Заводот за ментално здравје на деца и младинци (ЗМЗДМ) „Младост“, итн.
Настанот е од отворен тип, и сите семејства коишто бараат интересна викенд активност, а при тоа сакаат да помогнат во реализација на хуманитарната цел, се добредојдени.