еМагазин
Image default
Македонија

Груевски: Заев делел прислушувани разговори во Бугарија, дебатата за Гоце Делчев е задоцнета

„Оној кој копнее, што работи да ја присоедини кон Бугарија или кон Грција, тој може да се мисли за добар Бугарин, или за добар Грк, но не и добар Македонец. Таквиот Бугарин или Грк го подржува и вечниот раздор меѓу балканските народи, кои треба да живеат во братска дружба за да бидат пресреќни. Македонија им припаѓа на сите Македонци, без разлика на религијата, нацијата и јазиците, во утрешна слободна Македонија и преку неа ќе се здружуваат сите балкански народи.”

Со овој дел од говорот на Гоце Делчев во Преспа во есента 1901 година, екс премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на својот Фејсбук-профил даде опширно мислење околу несогласувањата меѓу нашата земја и Бугарија за овој револуционер, но и обвини дека премиерот Зоран Заев уште кога бил опозиција делел прислушувани разговори од владини функционери во Бугарија.

„Дебатата за Гоце Делчев се чини е прилично задоцнета дебата. Исходот од таа дебата е политички решен, тој е познат од тогаш кога Зоран Заев – претседателот на СДСМ, во својство на Премиер, со голема радост, насмевка и гордост, со “две раце” на 1-ви август 2017 година во Владата во Скопје, го потпиша договорот за пријателство со Бугарија чии составен дел е комисијата за историја.

Ова во време во кое Бугарија во секој момент може да не блокира на патот кон ЕУ ако македонските историчари не ги прифатат ставовите на бугарските колеги кои се важни за нивните политичари, колку и да имаат аргументи.

Одлагање на прифаќањето на она што веќе е јасно дека е однапред политички договорено околу прашањето за историјата е можно само доколку во октомври не добиеме датум за преговори за членство во ЕУ заради неспроведените реформи и високата корупција во земјата. Особено доколку се решат за предвремени избори. Се разбира, СДСМ тоа ќе се обиде да ни го продава како некаков пркос и борба за националните интереси“, напиша Груевски.

Тој додава дека можело да се намириса дека договор ќе се потпише со таква содржина уште кога ВМРО-ДПМНЕ и покрај победата на изборите, во услови кога немаше 61 пратеник за самостојно обезбедување мнозинство, не состави влада во 2017.

„Ми беше јасно од многу информации кои ги добивав помеѓу 2014 и 2017 година. Покрај другото, јас имав непотврдена информација дека претендентот за премиер на Македонија во посетите на официјална Софија давал снимки од телефонски разговори на членови на македонската влада.

Таа информација ми се потврди подоцна, мислам по изборите во 2016 година, кога во еден разговор со еден Бугарски европратеник во Брисел на која присуствуваа уште двајца мои соработници кои беа шокирани од она што го слушаа, истиот откако го пофали неговиот тогаш нов пријател, слично како денес што го фалат Пендаровски и кажувајќи дека е во редовна лична телефонска комуникација со него, не издржа и низ разговорот се пофали дека тие знаат се за нашите државни стратегии, планови, разговори и политики кон нив, бидејќи како што кажа, тој ги снабдил со мои и на моите соработници телефонски разговори по прашања поврзани и за кои би била заинтересирана Бугарија.

Дури и си дозволи да ми раскажува што на таков начин дознале, но деталите за ова во друга прилика.

Како во еден таков миг, човек да не се потсети на една позната мисла на Гоце Делчев од писмото до Никола Малешевски од 1897 година каде вели: “Јас не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствта на своите синови-изроди, како Македонскиот.”

Во себе си помислив дека со години наивно сум верувал дека ваквите ликови и чинови, се дел само од македонската историја кога се уште сме немале држава и што се овој човек е спремен да направи за да дојде до власт, моќ, влијание и пари“, пишува Груевски.

Тој вели дека е јасно што нашиот сосед бараше од нас и не беше тешко да се претпостави на што тој се обврзал штом влегол во една таква соработничка операција.

„Претпоставувам дека истото го направил и со соседна Грција каде исто така беше чест посетител во таа година кога освен низ главниот, некогаш границата ја минуваше сам на спореден граничен премин, а подоцна слушнав и скриен по багажници.

Тоа беше време кога на Грците веќе почна да им станува јасно дека наскоро можеби ќе добијат “бинго” какво што не сонувале. Мислам дека тој не беше единствен кој во тоа време границата ја минуваше на невообичаен начин.

Бев информиран, а мислам и некои медиуми во тоа време го објавија тоа, дека и денешниот негов потпретседател во владата кој во зенитот на преговорите за името направи спектакуларна милионска продажба на својата фирма на државна грчка компанија, во некои специјални прилики со актовка со себе, границата ја минуваше пеш, без возило. Имајќи ја во обзир неговата имотна состојба, сигурен сум дека мотивите за тоа не беа од социјална природа“, пишува Груевски.

Во однос на Гоце Делчев и останатите прашања, тој вели дека дебатата на историчарите веќе ја превзедоа политичарите кои мошне брзо го загубија трпението.

„Министерката за надворешни работи на Бугарија која по образование е историчар веќе кажа свој став. По неа и премиерот на Бугарија. Свој став кажа и “нашиот” инсталиран министер за надворешни работи. Со изјавата дека тој не е историчар за да каже што бил Гоце Делчев и дека немало да бидеме заглавени во историјата, а потоа и дека требало “да зрееме”, се е кажано.

Во политиката и дипломатијата не се гледа само што се кажало, туку и што се сакало да се каже и што се сакало да се постигне со кажаното, скриената, дискретната или индиректната порака или мисла. Како и обично во слични прилики, “нашиот” премиер почна и уште некое време ќе одглуми благ отпор, колку да каже да заличи дека се обидел и во негов манир да ни објасни дека сме имале дебата, завршила дебатата, па по неа треба да се свртиме кон иднината.

Неговата прва премиерска посета беше во Софија неколку дена откако го назначија за Премиер. Извори од неговото опкружување тогаш раскажуваа наоколу дека сакал уште тогаш, веднаш да се потпише договорот за да покаже “брз успех”.

Негови блиски “добронамерници” го посоветувале дека не е најпаметно да го потпише без да покажат дека преговарале барем 2-3 месеци, па ги послушал, така што потпишувањето беше одредено да биде во пресрет на заедничкото чествување на Илинден односно положување венец на гробот на Гоце Делчев со бугарскиот премиер во Скопје.

Ова сегашно барање на Бугарија поврзано со Делчев е само логична последица на тој договор од август 2017та. И нема да остане само на Делчев. Делчев е само симболот. Ако се реши за најавторитетниот од тоа време и веројатно од целата современа македонска историја, тоа не само што ќе важи за сите негови соборци, туку и за целиот народ во тој период. И тоа соседите воопшто не го кријат. Нивните политичари отворено говорат за ова во нивните изјави деновиве“, пишува Груевски.

Целиот статус ТУКА.

Фото: Фејсбук/Никола Груевски

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Пребројани 527.000 гласачки ливчиња: Пендаровски води пред Силјановска Давковка со разлика од 60.000 гласови

Редакција

Заев: Не можам да кажам дали и мене ме снимал Јордан Камчев

Редакција

Пендаровски го осуди нападот на секретарот на бугарскиот клуб “Цар Борис Трети“

Редакција