Со неаргументирани блокади и насилнички потези не се градат добрососедски односи и не се развива трговијата. Ова треба да го поднаучат во Владата на Косово која воведе блокада за увоз на македонски мед и компири откако македонската Влада забрани увоз на рибен подмладок и икра од косовските компании, бидејќи тамошните надлежни институции немаат воспоставено мониторинг.
Разликата кај двете земји е што нашата бара да се почитуваат европските стандарди, а Косово само покажува сила, бидејќи не презентира никаков аргумент за забраната за увоз на мед и компири.
Затоа, за поздравување е вчерашната изјава на министерот за економија Крешник Бектеши дека аргументите и фактите на нашата земја држат вода.
„Преку Агенцијата за храна и ветеринарство се спроведуваат стандарди што се реализираат во рамки на Европската Унија со цел на нашата бизнис заедница, на нашите претпријатија да им отвориме нови пазари.
Уште еднаш денеска се докажа дека нашите ставови беа исправни, бидејќи мерката за икри не е само за Косово, таа важи и за други наши соседи и држави кои не доставиле аргументи до Агенцијата за храна и ветеринарство за спроведување на активен или пасивен мониторинг за ние да бидеме сигурни за состојба на тие продукти, а ние тоа веќе го сторивме.
Од 2017 година се подготвуваме да добиеме дозвола од ЕУ за нашите производители да можат да извезуваат на нивниот пазар“, рече министерот за економија.
Тој информира дека на средбата со министерот за трговија и индустрија на Косово Ендрит Шаља ги презентирал фактите и аргументите на нашата земја, додавајќи дека очекуваат при крајот на оваа и почетокот на следната недела косовската страна да ја достави нивната програма за мониторинг.
Тој додаде дека писмено ќе го извести министерот Шаља дека во моментот кога тие ќе ги достават соодветните документи ќе им се дозволи увоз на икрите од рибите од Косово во Северна Македонија и очекува дека откако ќе го добијат писмото тие да ги укинат бариерите за компир и за мед.
Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов пак вчера истакна дека неопходно е да се верификува дали Косово соодветно испитува можност за појава на болести кај рибните производи.
„Откако ќе добиеме такво уверение дека ги запазуваат сите процедури тогаш ќе биде отстранета бариерата за увоз во Северна Македонија. Тоа е меѓународно воспоставен принцип со кој што се гарантира дека земјата ги нема болестите и тоа е начинот како ние да се заштитиме да не внесеме болести на нашата територија.
Од она што ни приложија косовските власти засега ги немаат сите потребни анализи, но ако ни докажат дека имаат извршено активен и пасивен мониторинг како што тврдат тие, тогаш во истиот момент кога нашата комисија ќе утврди дека се спроведуваат мерките ние следниот ден ќе ја отстраниме бариерата“, истакна Атанасов.
Ваквиот транспарентен настап на претставниците на македонската Влада може само да ги принуди косовските власти да си ја завршат работата односно да си ја ишнат мувата од капата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Се бара решение за трговскиот спор со Косово, засега остануваат забраните за извоз