Груевизам до доцна во ноќта, барање против секоја логика, против ЕУ и НАТО, против вредностите и принципите, вака премиерот Зоран Заев денеска на прес-конференција го оцени исходот од синоќешната лидерска средба и единствениот услов, кој, како што рече, го поставил лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
-Разочаран сум од исходот на лидерската средба. Имав некоја надеж дека е можно да ја сменат матрицата и да излезат од заложбите на своите претходници. Се потрудивме да излеземе во пресрет, но ВМРО-ДПМНЕ единствено бара предметите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) да дојдат под нивна контрола, да запрат сите предистраги и истраги, криминалот да го заташкаме. Тоа не смееме да го дозволиме, рече Заев.
Според Заев, лидерската не успеала, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ инсистирале во новото обвинителство кое би гонело висока корупција, да бидат префрлени сите предмети на СЈО, па дури и оние 17 предмети кои се во постапка. За власта, ова било преминување на црвените линии, бидејќи шефот на ова обвинителство ќе биде на предлог на опозицијата, што според Заев, лесно би се амнестирале предметите во кои се гонат поранешните функционери.
„Нема да дозволам да се премине црвената линија и да се уништат предметите на СЈО. Ние немаме проблем шефот на новото обвинителство кое ќе гони само висока корупција да биде од опозицијата, но не смееме да дозволиме да ги земат само предметите на СЈО, кои веќе се во процедура и се предаваат на Јавното обвинителство“, рече Заев.
Тој истакна дека иднината на обвинителите е веќе обезбедена, односно тие ќе се вратат во своите матични обвинителства, каде претходно работеле.
„Нема да земаат големи плати, но сепак имаат иднина. Немавме план Б, рече премиерот, решение има, но овие предмети на СЈО нема да дозволам да лебдат. Блиску бевме до договор, но пуста желба да се има контрола врз тие предмети, не не доведе до договор“, додаде Заев.
МИА/Фото: Влада
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Мицкоски: Заев дојде со план да не се постигне договор за да си го заштити криминалот
Заев и Мицкоски се договорија да не се договорат, судбината на СЈО останува да виси