еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Во Собранието пак нема кворум: Додека граѓаните и фирмите чекаат пари, пратениците со меѓусебни обвинувања

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска обвини дека опозицијата ја злоупотребува здравствената состојба на пратениците, во услови на Ковид-19, и оти пред него се поставуваат ултимативни предлози што не може да ги прифати.

Поради тоа до создавање услови за работа односно мнозинство од 61 пратеник Џафери решил да ја одложи 36. собраниска седница закажана за утре, а на која на дневен ред се и точки поврзани со мерките за Ковид-19.

Џафери на прес-конференцијата, што ја свика по прекинување на средбата со координаторите на пратеничките групи, рече дека двајца пратеници од мнозинството од здравствени причини се спречени да учествуваат на утрешната 36. седница, поради што го поставил прашањето за кворумот.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ, според него, побарал на седницата да се разгледуваат само продолжување на кризната состојба и трите точки поврзани со мерките за Ковид-19, а не и другите 26. Практично, опозицијата побарала посебна седница само за тие четири точки.

Претседателот на Собранието ги повика на разум пратениците од опозицијата обвинувајќи ги за теснопартиски игри.

-Собранието ниту е на власта ниту на опозицијата. Законите се во корист на сите граѓани, рече Џафери повикувајќи ги да се вратат на работа, бидејќи за тоа се платени, а плата земаат од граѓаните.

Дополнително на оваа ситуација е блокадата предизвикана со мноштвото амандмани, над 32.000 за дваесетина закони на Алијанса на Албанците и Алтернатива поради неподдршката на Законот за државјанство од страна на ВМРО-ДПМНЕ и Левица, на прес-конференцијата Џафери кажа дека дека е „политичка пинг – понг“ игра од сите страни без исклучок.

СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ се однесува деструктивно и неодговорно во Собранието 

Пратеникот на СДСМ, Коста Костадинов денеска на прес-конференција ја обвини ВМРО-ДПМНЕ за деструктивно и неодговорно однесување во Собранието, но исто така дека оваа опозициска партија со Левица во договор со пратеничката група на Алијанса на Албанците и Алтернатива кочат важни процеси во Парламентот.

-ВМРО-ДПМНЕ безобразно ја злоупотребува ситуацијата со пратеници заболени од Ковид-19 и со пратеници кои се изолација, за да ги кочи сите важни процеси и закони за граѓаните, рече Костадинов, кој потсети дека опозицијата се противеше на предлогот за работа на далечина.

Пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, како што кажа, не влегуваат во салата и не работат за граѓаните што ги гласале.

-До каде оди нивната деструктивност зборува и фактот што денеска од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека ќе ја блокираат и утрешната седница на која се и барањата за интерпелација поднесени токму од ВМРО-ДПМНЕ, како и Информација во врска со актуелните состојби во здравството, исто така поднесена токму од ВМРО-ДПМНЕ, рече Костадинов.

Пратеникот од владејачкото мнозинство беше дециден дека со или без ВМРО-ДПМНЕ, реформскиот процес ќе продолжи, но, како што рече, ќе продолжат и поразите на лидерот на опозициската партија Христијан Мицкоски.

Апелираше до колегите од опозицијата да си ја работат својата работа.

Костадинов рече дека се согласува со се она што на прес-конференција го кажа претседателот на Собранието Талат Џафери и повика на разум.

-Апсолутно ќе се согласам со се што кажа претседателот на Собранието, Талат Џафери во однос на процедурите и во однос на деловничките обврски коишто ги има како претседател на важна институција, рече тој.

Пратеникот обвини исто така дека пратеници на ВМРО-ДПМНЕ ја блокираат и работата на собраниските комисии.

-И не е проблем само функционирањето во рамките на пленарните седници. Што правиме во комисиите што согласно методологијата ги водат пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и како претседатели на комисии, но и како заменици, а таква е Комисијата за финансирање и буџет.

Зошто се кочат закони како што се на пример законот за заем за модернизација на земјоделието. Како тие пратеници од ВМРО-ДПМНЕ коишто доаѓаат од Ресен, од Струмица или од тие региони ќе се оправдаат пред граѓаните дека кочат закон со којшто се предвидува изградба на регионални откупни пунктови коишто се важни за луѓето коишто се занимаваат со земјоделие во тие региони. И тоа го прават за време на пандемија, рече Костадинов.

Зборуваше и за блокадата на Законот за државјанства, поднесен од АА и Алтернатива.

-ВМРО-ДПМНЕ и Левица поднесуваат амандмани на законот за државјанство, и за таа цел Алијанса се договараат и Алтернатива да кочат се што е во Собранието важно за граѓаните.

Ова не алудира на ништо друго освен договор помеѓу опозициските партии, овде мислам и на ВМРО-ДПМНЕ, и на Левица и на Алијанса за кочење на важни процеси во Собранието што е срамно, жално и погубно за нив.

Сметам дека е редно време да се издигнеме над партиските интереси, да се ставиме во функција на граѓаните, во функција на оние коишто седат овде и земаат плата, рече Костадинов.

Алијанса на Албанците и Алтернатива: Власта не е подготвена за заедничко решение со опозицијата 

Денешната координативна средба со претседателот на Собранието Талат Џафери не траела повеќе од десет минути, а причина за тоа според координаторот на пратеничката група на Алијанса на Албанците и Алтернатива, Скендер Реџепи било тоа што владејачкото мнозинство немало спремност да се изнајде заедничко решение за излез од настаната ситуација со блокирањето на Собранието.

-Јас лично им предложив на двајцата координатори од мнозинството да се деблокира Собранието со тоа што ќе изнајдеме решение за Предлог-законот за државјанство.

Мојот предлог беше и ќе го кажам сега јасно, бидејќи во медиумските искажувања сите претставници од власта и од мнозинството велеа дека имаат тие предлог-закон за државјанство и ќе ја поднесат нивната верзија, јас предложив да ја донесат таа верзија, па заеднички да седнеме да ги дискутираме двете верзии, да излеземе со еден предлог-закон кој ќе биде во служба на тие граѓани коишто имаат потреба од државјанство, изјави Реџепи.

Според неговите кажувања, од нив воопшто немало одговор и затоа јавно ги повикува власта и пратеничките групи од мнозинството да го донесат предлог-законот за којшто тие велеа дека го имаат, па да го дискутираат заедно.

-Не е битно кој ќе го поднесе после во Собранието. Битно е да докажеме дека Собранието може да ги слуша и барањата од опозицијата и да се докаже дека навистина можеме да бидеме во служба на граѓаните, рече Реџепи.

Координаторот на пратеничката група на АА и Алтернатива побара од власта да „прекине со делење емоции за дневно политичка потреба околу тоа колку биле битни овие закони за граѓаните“.

– Да, вистина е дека за граѓаните доста битна е помошта околу пандемиските случувања, меѓутоа власта знае многу добро дека има категорија на граѓани кои воопшто не користат никаква помош.

Ние како албанска опозиција ја прифаќаме таа одговорност дека ќе ги блокираме сите тие закони се додека не излезе законот за државјанство. Имаме контактирано со доста луѓе кои се од бизнис фелата, луѓето целосно ни даваат поддршка иако се во тешка економска и социјална состојба.

Тие велат кратко, може да истраат уште месец дена без плати, но затоа сакаат да дадат придонес за граѓаните кои воопшто немаат државјанство, да им се овозможи конкретна помош, рече Реџепи.

ВМРО-ДПМНЕ: Законите од петтиот сет економски мерки се блокирани од СДСМ и ДУИ

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека бил одбиен нивниот предлог да се закаже посебна седница за да се разгледаат законите за финанансиските мерки поврзани со корона-пандемијата, а на седницата да учествуваат за да поминат и законите од петтиот пакет мерки.

Кооридинаторот Никола Мицевски на прес-конференција рече дека предложиле на посебна седница да бидат одделени и ставени: Предлог-одлуката за изменување на Одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење кризна состојба на дел од територијата на државата; Предлог-законот за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствено-економската криза, февруари и март 2021 година; Предлог-законот за финансиска поддршка на работодавачите погодени од кризата од Ковид-19  заради исплата на платите за февруари и март 2021 година и Предлог-законот за изменување на Законот за данокот на личен доход.

Како што рече, тоа го предложиле откако денеска на редовната координација станало јасно дека парламентарното мнозинство нема да има 61 пратеник на утрешната седница, а со цел да им се помогне на граѓаните и на стопанството зашто роковите за законите се одамна поминати.

– Законите од овој таканаречен петти сет на економски мерки не се блокирани од ВМРО-ДПМНЕ, тие се блокирани од СДСМ и ДУИ. Нашиот предлог експресно беше одбиен.

Денес стана јасно кој блокира во собранието, денес стана јасно на кои не им е грижа за здравјето на граѓаните и кои се занимаваат со политиканство и злоупотреба на здравствената криза.

Додека смртните случаи од коронавирусот се зголемуваат и власта е крајно неспособна да обезбеди вакцини, СДСМ, Заев и Филипче единствено што ги интересира е како да профитираат од оваа криза и си играат со судбините на граѓаните и наместо да работат за нив и за стопанството, тие се занимаваат единствено со тоа на секој можен начин да избегнат одговорност и да ја обвинат опозицијата,  рече Мицевски.

Според координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, власта и пратениците на СДСМ го користат овој пакет закони, бидејќи знаат дека немаат кворум што е, рече, нивна обврска.

-Сакаат да ја искористат опозицијата да им обезбеди кворум и на утрешната закажана седница да протуркаат штетни закони за кои треба да се дебатира, бидејќи сметаме дека се штетни за граѓаните и државата, рече Мицевски.

МИА/Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Тендер тежок 48.000 евра: Судскиот совет ќе се поднови со два нови автомобили

Редакција

Денеска во Собранието продолжува расправата за реконструкција на Владата

Редакција

(ВИДЕО) Најмалку еден загинат во силен земјотрес на Крит

Редакција