Фармацевтската индустрија „Алкалоид“ АД од Скопје од идната година тргнува агресивно во настапот на големиот руски пазар. Добивањето на Сертификатот за добра производна практика од страна на Министерството за трговија и индустрија на Руската Федерација ги отвори вратите за поголемо присуство и извоз на нови бренд генерични производи наменети за потрошувачите во оваа земја, во која „Алкалоид“ е присатен веќе 18 години.
Ова беше истакнато при посетата на Сергеј Баздникин, амбасадор на Руската Федерација во Република Македонија заедно со Владимир Хрисанфов, советник за економски и трговски прашања во Амбасадата и во придружба на Ѓорѓи Дика, претседател и Дејан Бешлиев, извршен директор на Македонско-руската стопанска комора, на најголемата фармацевтска компанија во Македонија „Алкалоид“ АД од Скопје.
– Во тек е регистрација на неколку од брендовите од портфолиото на компанијата, што ќе придонесе за значајно зголемување на нашето присуство во оваа земја. Очекуваме годинава да оствариме вкупен приход од 160 милиони евра, од кои 100 милиони евра се од продажби на странските пазари.
Од нашиот вкупен извоз, 6 отсто се реализира на пазарите на Руската Федерација и Заедницата на независни држави. Минатата година на овие пазари пласиравме производи во вредност од над 8 милиони евра, а годинава до ноември тој извоз изнесува 6 милиони евра.
Намалувањето претежно се должи на флуктуацијата на руската рубља. Во однос на пласманите на рускиот пазар од страна на фармацевтските компании од регионов заостануваме и сега тргнуваме таквата состојба да ја измениме, истакна Живко Мукаетов.
Измената на прописите за пласман на фармацевтските производи на овој пазар и варирањето на домашната валута го отежна настапот на „Алкалоид“ АД во Русија и подготовката на бизнис плановите.
Но, тоа полека се надминува, па компанијата ја зголемува бројноста на вработените во сопстевната фирма во Русија за четвртина, ги интензивира контактите со локалните компании и Москва ја планира како „база“ за настап и во другите земји од Евроазиската унија.
Проценка е дека се работи за големи пазари и можности за пласман на производите, посебно во Белорусија и Казахстан. Покрај фармацевтските производи се очекува дека на овие пазари купувачи можат да најдат и производите од брендот „Бекутан“ и чаевите „Good Nature“.
– Подготвуваме тим и значајно вложување во промоција и маркетинг на овој пазар, што треба да „повлече“ значајни резултати. Се што преземаме треба да ни овозможи во иднина двојно поголем раст на овој пазар од годишниот раст на компанијата кој постојано се движи од 6 до 8 отсто, подвлече директорот за развој на компанијата Милош Радуловиќ.