Изразуваме големо задоволство што и властите и јавноста се задоволни од архитектурата на новото основно училиште „Киро Глигоров“, велат од Асоцијацијата на архитекти.
„Воедно сакаме да посочиме дека првиот услов за и понатаму да бидете среќни и задоволни од архитектурата на нашиот град е да организирате архитектонски конкурс. Да потсетиме дека училиштето е првонаградено решение на конкурсот кој го организираше Општина Центар.
Ова е доказ дека само со организирање на јавен архитектонски конкурс може да се добие квалитетна архитектура. Се друго е коцка.
Можеби ќе биде добро можеби не. Оттука голема благодарност до г-дин Андреј Жерновски кој како политичка фигура придонесе за подобрување не само на архитектурата на градот, туку и на образованието.
Но, тука завршува било каква реална улога на политичките чинители во архитектурата (зборувам за онаа добрата). Архитектурата има автор. И објектот е добар заради авторот и заради ништо друго. Се друго врзано со објектот е техника, која во никој случај не сакаме да ја омаловажиме но никако не може и не треба да биде пред идејата.
Да дадеме споредба. Денеска имавте премиера на успешен филм без да го спомнете режисерот, единствено е спомнат продуцентот. И категорично кажуваме, училиштето е дело на архитект Бесиан Мехмети со архитект Стефан Атанасоски, архитект Никола Кунгуловски и архитект Арменд Хебипи, не на Општина Центар или било која друга институција.
Се надеваме дека во иднина и медиумите и нарачателите на проектите ќе покажат поголема култура и почит кон нас архитектите“, се вели во соопштението на Асоцијацијата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Видео+фото) Како изгледа: Почна со работа новото основно училиште „Киро Глигоров“ во Капиштец
Фото: Општина Центар