еМагазин
Image default
Бизнис

Банките продаваат 165 деловни простории, 91 стан, 134 парцели, шуми, лозје…

Податоци за 165 деловни простории, 91 стан, 74 помошни простории, 27 гаражи, 134 парцели (градежно неизградено земјиште, дворни места, земјишта под згради, неизградено земјиште, шуми, лозје, ливади, пасишта, овоштарници), содржи моментно Регистарот на преземен имот наменет за продажба.

Тоа се податоци за имот на граѓани што им бил одземен од банки поради ненавремено плаќање долгови или пак бил одземен со пресуда во судски случаи што ги водела државата.

Најголем број деловни простории што се дел од регистарот има во Скопје, 32, по што следи Свети Николе со 21, Кочани со 10, Радовиш, 9, Кратово 8, Битола 7…

Деловните простории се со површина од 113 до 450 квадратни метри.

Од становите што се дел од регистарот, најголемиот дел, 64, се во Скопје и тоа 28 во Ѓорче Петров, 15 во Центар, девет во Радишани, четири во Визбегово, по да во Бутел и во Сингелиќ…

Агенцијата за катастар на недвижности го воспостави Регистарот во декември лани. Во него се достапни податоци за број на парцела и на имотен лист, квадратура, местоположба и сопственост.

Податоците автоматски ги ажурира Катастарот, но нема увид во цената по која банката ја врши продажбата, ниту пак динамика за продажба на имотот. Тоа го ажурираат комерцијалните банки, а продажбата се евидентира во регистарот кога ќе биде реализирана. Од моментот на воспоставување или продажба на самата недвижност таа се трга од регистарот.

Во втората фаза од проектот беше планирано во базата да бидат вклучени и податоци од извршители, стечајни управници и Министерството за финансии.

Од Агенцијата за катастар на недвижности изјавија дека се работи на надградбата на системот за вклучувањето на дополнителните чинители.

„Се надеваме дека тоа ќе биде наскоро, но, за жал не сме во состојба да утврдиме точен датум“, велат од Катастарот.

Истакнуваат дека Регистарот на преземени недвижности наменети за продажба функционира според предвидената динамика и според предвидените правила на функционирање.

Досега немало пречки од каков било вид, за негово непречено функционирање. Регистарот на преземени недвижности наменети за продажба го води Агенцијата за катастар на недвижности, но исклучиво врз основа на податоците доставени од субјекти кои ги преземале недвижностите, а кои се наменети за продажба, појаснуваат од Катастарот.

Целта на алатката е на едно место секој заинтересиран инвеститор или купувач на недвижен имот да добие точна информација за недвижниот имот, расположив за продажба.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Владата ја повлече одлуката за спојување на концесиите за Иловица, ризикот е најмалку 1 милијарда евра отштета по меѓународна арбитража

Редакција

Колку заработуваат менаџерите на Стопанска банка Битола?

Редакција

Министерството за здравство распиша тендер за вакцини вреден 1,5 милиони евра

Редакција