еМагазин
Image default
НАША ТЕМА ТОП СТОРИИ

Берзата го отсликува ударот од корона вирусот: Загуби, неизвесност, потешкотии ги мачат компаниите

Речиси и да нема компанија која котира на Македонската берза, која не го чувствува ударот од корона вирусот без разлика дали тоа се манифестира преку намалени приходи, отсуство на дел од вработените поради владините мерки за спречување на ширењето на болеста, намален извоз, затворени капацитети, намалена продажба и што уште не.

Повеќето компании нагласуваат дека кризата почнала да се чувствува во март, и дека сега се соочуваат со неизвесност, а дел од нив и со проблеми со ликвидноста. Најтешкото допрва доаѓа, а многу работи ќе зависат од тоа колку ќе траат епидемијата и рестриктивните мерки.

Намалени приходи и загуби

„Македонијатурист“ во првите три месеци од 2020 година од пружените хотелски и ресторански услуги како основна дејност како и од други споредни дејности оствари негативен финансиски резултат односно загуба од 13,89 милиони денари, соопшти компанијата преку Македонската берза.

„Финансискиот резултат е намален во однос на истиот период во минатата 2019 година, кога друштвото оствари позитивен финансиски резултат.

Вкупните приходи за трите месеци од 2020 година изнесуваат 40,40 милиони денари и се намалени за 30% во однос на истиот период од претходната 2019 година како последица од пандемијата со Ковид-19, при што приходите од продажба на друштвото се намалени за 33%.

Негативниот финансиски резултат од работењето друштвото го оствари во услови на прогласена вонредна состојба во фржавата, поради пандемијата со Ковид-19, како и согласно одлуката на Владата за привремено затварање на сите угостителски објекти кон која се приклучи и „Македонијатурист” АД Скопје кое како последица се одрази во голема мера во работењето на хотелско угостителската дејност поради откажување на сите аранжмани, затварање на границите и аеродромите уште во почетокот на месец март во 2020 година“, соопшти компанијата.

Оттаму додаваат дека и покрај остварениот негативниот финансиски резултат во првите три месеци од годината, финансиски показатели како што се степенот на финансиска сигурност, степенот на самофинансирање и општата ликвидност на друштвото се на доста високо ниво.

„Имајќи ги во предвид напред изнесените податоци, а со оглед на тоа дека глобалната здравствена пандемија се уште трае и се одразува и на севкупното намалено работење на економиите во светот, при што ваквата состојба се очекува да продолжи и во следниот период, друштвото се соочува со неизвесност во однос на условите и периодот во кој ќе отпочне повторно со работа со својата дејност.

Сето ова може да предизвика намалување на финансискиот резултат на друштвото, односно искажување на загуба во идните периоди од деловната 2020 година“, информираат од компанијата.

Кога нема бизнис, нема потреба од нафта

Со воведувањето на полицискиот час и со останатите рестриктивни мерки, „Макпетрол“ АД Скопје, се соочи со пад на потрошувачката во сите сегменти од своето работење, соопшти компанијата преку Македонската берза.

„Прометот на мало на деривати, кој по декади во првите два месеца во 2020 година се движеше на ниво од околу 8,24 милиони литри и искажуваше пораст во однос на истиот период од минатата година за рекордни 15-тина проценти, во последната декада од март се намали за приближно 41%, а вкупниот промет на мало на деривати во првиот квартал од 2020 година се сведе на пораст од само 2,21%“, информираат од компанијата.

Оттаму истакнуваат дека најнегативно влијание на воведените мерки против корона вирусот се покажало кај прометот, односно извозот на керозинот којшто, со мерката за затворање на аеродромите е сведен приближно на нула.

„Очекуваме, со постапното намалување на рестриктивноста на постојните мерки, а особено со нивно делумно или целосно укинување, да се зголемува прометот на горивата во „Макпетрол“ АД Скопје.

Свесни сме дека не можеме да очекуваме остварување на промет на ниво еднакво на прометот од минатата година во месеците од вториот и третиот квартал 2020 година од причина што вирусот како опасност ќе опстои и во тој период.

Она што можеме да очекуваме е прометот на горивата да не биде  намален за повеќе од 10 до 15 проценти, спореден со прометот од 2019 година“, велат од компанијата.

Не е имун ниту банкарскиот сектор

НЛБ Банка АД Скопје преку Македонската берза објави какви се очекувањата на банката за престојниот период. Оттаму го потенцираат влијанието на кризата предизвикана од корона вирусот, но најавуваат дека и покрај тоа ќе се фокусираат на одржување или зголемување на пазарниот удел.

„Македонската економија ја заврши 2019-тата година со економски раст од 3,6% кој бил придвижен од домашната побарувачка, при соодветно поставена монетарна политика и стабилен банкарски систем.

На крајот на првиот квартал од 2020 година со воведувањето на вонредна состојба во државата како резултат на пандемијата Ковид-19 и превземените мерки за здравствена заштита од страна на Владата на Р.С.Македонија, економската активност значително се намали.

Пандемијата се очекува да има значително негативно влијание на македонската економија, а влошувањата на економските показатели се очекуваат да се засилат во вториот квартал на 2020 година поради прелевањата од глобалната и домашната рецесија.

Новите предвидувања прикажуваат пад на БДП од 1,4% согласно оптимистичкото сценарио на Светска Банка и пад од 4,0% согласно Меѓународниот монетарен фонд. Народната банка предвидува пад од 3,5% за 2020 година.

Сепак, имајќи во предвид дека ова е „еднократна“ глобална криза, која не потекнува од финансиските пазари, но сепак како резултат на нејзината големина и непредвидливост остава голема неизвесност за сите компании, попрецизни економски и финансиски предвидувања не се достапни во моментов.

Во таа насока, НЛБ Банка АД Скопје, како втора системски значајна банка и трета банка по големина во Р.С.Македонија, постојано го следи развојот на кризата, влијанието на банкарските финансиски позиции и следствено проактивно ги прилагодува своите деловни операции.

Иако во фокусот на оваа година ќе биде справувањето со пандeмијата Ковид-19 како клиентски ориентирана банка, ние ќе продолжиме да превземаме мерки за заштита на нашите клиенти и да ги нудиме најоптималните решенија. Банката ќе продолжи да ги следи светските технолошки трендови, и како современа и креативна банка ќе биде посветена на дигитализацијата и унапредување на банкарските процеси.

Во фокусот на банката ќе биде и одржувањето или зголемување на пазарниот удел по различни сегменти во банкарскиот сектор на Република Северна Македонија во зависност од преземениот ризик, влијанието на адекватноста на капиталот и профитабилноста.

Како и досега, банката интензивно ќе работи на развој на знаењето и вештините на човечките ресурси како главен столб на доброто работење, како и на развој на информатичкиот систем на банката“, соопштија од НЛБ Банка.

Штети трпат и компаниите од производството и услужниот сектор

Нето добивката по оданочување на „Фершпед“ во првите три месеци од годинава изнесува 14,7 милиони денари, и истата е намалена во однос на истиот период од 2019 година, соопшти компанијата преку Македонската берза.

„Првите ефекти од корона вирусот врз деловното работење на друштвото се почувствуваа во средината на месец март. „Фершпед“ АД Скопје превзеде неопходни мерки за заштита на вработените од вирусот.

Последиците од кризата ќе влијаат на оперативното работење на друштвото, на ликвидноста, како и на наплата на побарувањата.

Има намалување на продажбите во доменот на услугите во сите сектори, а негативните ефекти особено се почувствуваа во сектор угостителство поради забраната за работење на угостителските објекти.

Во моментов со одредени потешкотии се подмируваат обврските кон доверителите и доколку ситуацијата продолжи друштвото не ја исклучува можноста да побара репрограмирање на обврските спрема финансиските институции.

Негативните ефекти од вирусот веројатно ќе имаат одраз врз финансиските извештаи на друштвото, а што со сигурност не можат да бидат предвидени.

Раководството ќе продолжи континуирано да ја следи состојбата и ќе презема неопходни мерки за намалување на негативните ефекти.

Доколку е потребно друштвото ќе ги корегира финансиските проекции за 2020 година. Сепак ако ситуацијата се нормализира, очекуваме во третиот квартал финансискиот резултат да се движи во рамки на проектираниот“, соопшти компанијата.

АД „Европа“ – Скопје за периодот 01.01-31.03.2020 година оствари добивка во износ од 9.420.498 денари и е поголема во однос на претходната година за 4,5%, соопшти компанијата преку Македонската берза.

„Во првиот квартал од 2020 година, АД „Европа“ – Скопје се соочи со проблем во справувањето со настанатата глобална ситуација со пандемија Ковид-19. Особено, бевме затекнати со можноста за организирање на производниот процес заради намалениот број на вработени кои беа ослободени со уредба од Владата (родители на деца до 10 години,хронично болни и трудници).

Дополнителен проблем е полицискиот час воведен со вонредната состојба во државата,редуцираниот јавен превоз што предизвика скратени работни часови за производна смена.

Мерките на Владата и вонредната состојба влијае на намалување на капацитетот на производство имајќи во предвид дека бројот на оправдано отсутни достигна дури  18 % од вкупниот број директно вработени во производниот процес“, соопшти компанијата.

Оттаму додаваат дека заради глобалниот проблем бележат и намалени нарачки од одделни купувачи,што директно влијае на намалување на приходите и неможност за реализација на планираните таргети.

„Финансиската анализа од работењето за време на пандемија во првиот квартал од 2020, покажува дека најголемо негативно влијание има кај бруто платите и кај трошоците за хигиенско техничка заштита.

Овие потенцијални ефекти од моменталната ситуација очекуваме да бидат уште поголеми во идниот период и истите ќе генерираат негативен ефект врз финасискиот резултат, бидејќи со намален капацитет и со намлен број на нарачки од редовните купувачи,ќе се остварат помали оперативни приходи , а наспроти нив, оперативните расходи се очекува да бидат исти во континуитет“, соопшти компанијата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

„Фич“ и „Стандард и Пурс“ го потврдија кредитниот рејтинг и очекуваат рецесија во Македонија

Светска банка: Корона вирусот ќе ја однесе во рецесија македонската економија

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

До сега попишани вкупно 1.619.857 лица, 503.491 домаќинство и 711.695 станови

Редакција

(Фото) „Чекајќи те костур се сторив“: Уметничка акција „Чекајќи го Годо“ посветена на односот на Европската Унија кон Македонија

Редакција

Почина поранешниот министер за култура Благоја Стефановски – Баге

Редакција