Во едно далечно село, секоја година во очи на Божик, свештеникот правеше пештера за во црквата. Селаните прво одеа в црква, за да присуствуваат на Светата Литургија и коленичејќи палеа свеќи пред пештерата, коишто требаше самите да догорат и да изгаснат, пополека топејќи се. Затоа околу пештерата имаше безброј свеќички и црквата зрачеше и светеше како сонцето да беше влегло внатре.
Кога Литургијата завршуваше, народот одеше по гостилниците наоколу, за да се весели од радоста заради Раѓањето Христово.
Селаните започнуваа со подготовките за Божик со недели претходно. Домаќинките печеа ѓевреци, пити и благи работи, а мажите го очистуваа и средуваа плоштадот на селото, црквата и домовите.
Свештеникот со децата од училиштето и наставниците ги резбаа во дрво животните за пештерата, тројцата мудреци, пастирите, ѕвездата, Богородица и Христос.
Вечерта во навечерието сѐ беше подготвено. Луѓето облечени во најубавото, одеа во црква и оставаа пред пештерата по еден дар за Христа, кој колку можеше.
Марија, која имаше 6 годинки, одеше и таа секоја година со своите родители в црква, носејќи кошничка со ѓевречиња, коишто ги правеше за новородениот Христос. Но, таа година мајка ѝ се разболе, а татко ѝ замина во еден голем град, за да најде работа и за да може да врзе крај со крај за лекови и останати трошоци.
Ни една пара не им остана, за да Му купат дар на Христа. Како, сега, Марија со празни раце да отиде в црква? Во моментот кога чукнаа камбаните, Марија влезе срамежливо во црквата и се сокри зад еден од столбовите. Не сакаше никој да ја види со празни раце. Другите Му се полонуваа на Христа, палеа свеќа и го принесуваа својот дар.
Таа, гледајќи ја пештерата од далеку, падна на колена и низ шепот се помоли: „Ах, Богородичке моја, оваа година нема да дојдам на Литургија. Немам што да Му подарам на твоето Дете што се роди. Мајка ми се разболе. Немаме воопшто пари. Ќе Му објасниш ли на Христа зошто не Му донесов дар?“
Луѓето веќе започнале да пеат заедно со свештеникот: „Христос се раѓа денес“. Немаше направено ни три чекори кога од зад неа слушна еден глас што ја праша:
– Зошто плачеш, девојче, на овој радосен ден? Беше тоа една бабичка со сладок лик и очи полни со добрина.
– Плачам, бабо, оти не ми остана ни една паричка, за да Му купам еден дар на Христа.
– Марија, па ти зар за тоа плачеш? Христос е задоволен само и со тоа што Го мислиш. Со тоа што Го љубиш. Ете, види ја онаа грмушка со зелени лисја. Зошто не насечеш еден букет, па да Му го однесеш?
Девојчето престана да плаче, се наведна, започна да сече и да прави букет од гранките. Изнасече толку многу, што нејзините прегратки не собираа повеќе.
– Доволно се, бабо? – ја праша старицата, вртејќи се наназад, но таа беше исчезнала. Марија со гранките во прегратка продолжи смело и влезе во црквата со весела насмевка. Сѐ сјаеше во светлината на свеќите. Луѓето пееја со умиление. Зачекори по црвениот тепих што беше послан пред пештерата и го остави својот дар.
– Видете го ова девојче – рече тивко една од жените. Му носи гранки од џбуње на Христа! Пази Боже од полошо!
Кога заврши тропарот, се слушнаа дошепнувања во црквата: – Видете! Видете ги гранките од џбуњето! Марија беше се уште на колена со прекрстени раце. Слушајќи гласови, исплашена ја крена главата и ги виде гранките. Нејзините гранки расцветале и извадиле убави, црвени цветови што личеле на ѕвезди.
– Ама што се случи?
– Чудо!
– Беа од џбун, а расцветаа!
Свештеникот и мноштвото народ клекнаа пред пештерата, славословејќи Го Христа за тој необјаснив феномен.
Старицата, која и да беше, имаше право.
Дарот што се дава од срце е најскапоцениот дар. Сиромашните гранчиња беа најзначајниот дар што Христос го прими во тој ден. Оттогаш, секоја година, во Божикните денови, тие грмушки цветаат со своите безбројни црвени ѕвездички и народот ги нарекува „Божикни цвеќиња“. Од тоа далечно село стигнаа и во нашата татковина и луѓето ги нарекоа „Христови ѕвезди“.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Православните христијани го слават Рождеството Христово – Божик
Христос се роди: Слава на Бога во висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја!
Бигорски манастир/Фото: МИА