Кинеската економија наскоро ќе биде два до три пати поголема од онаа на Соединетите Американски Држави, според Илон Маск, американски претприемач и основач на СпејсИкс.
Маск истакна дека беше „многу одамна“ кога САД беа најголемата економија во светот.
– Се приближуваме до ситуација кога кинеската економија би можела да биде два до три пати поголема од американската. Тоа е едноставно еден поинаков свет, рече милијардерот во онлајн-интервју, организирано од „Вол Стрит Журнал“.
Претприемачот додаде дека повеќето претставници на кинеската влада пораснале со чувство дека економијата на земјата е „мала“. Истовремено, Маск истакна дека неговата компанија за електрични автомобили „Тесла“ има добри односи со Кина.
– Не сакам да изгледам дека поддржувам сè што прави Кина, ниту ќе кажам дека поддржувам сè што прави САД или која било друга земја. Генерално, мислам дека се движиме кон интересен и нов свет. Не треба да заборавиме дека сите сме луѓе, потенцираше Маск.
МИА/Фото: Маск/Твитер