еМагазин
Image default
МОЈ СТАВ ТОП СТОРИИ

Чудо во Македонија: Одеднаш сите против амнестија, помилување, аболиција…

Одлуката на Уставниот суд по три години да расправа за законитоста на член 11 од Законот за помилување донесен во 2016 година со кој тогаш се воведе можност претседателот Ѓорѓе Иванов да ја повлече одлуката за „општо политичка аболиција“ предизвика невиден феномен – сите партии одеднаш се против амнестии, помилувања, аболиција…

Најпрво ракавицата ја фрли СДСМ со тоа што најави дека ќе побара автентично толкување во Собранието на спорниот член 11, а со цел да се претрка Уставниот суд. Оттаму се јавија и денеска и побараа од ВМРО-ДПМНЕ во Собранието да докаже дека е против помилувања

„Ајде Мицкоски, повикај ги пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да го поддржат барањето на СДСМ за автентично толкување Зошто Христијан Мицкоски тактизира, врти од околу, не кажува јасен став и не ги повикува пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да го поддржат Барањето поднесено од пратеници на СДСМ за автентично толкување?

Со автентично толкување на член 11 од Законот за помилување, се спречуваат обидите да се врати незаконската аболиција на Ѓорѓе Иванов.

СДСМ се бори за правда, за одговорност за сите коишто се огрешиле и амнестии нема да дозволи да се случат. Од друга страна ВМРО-ДПМНЕ брани криминал.

Мицкоски да излезе пред јавноста и да ги повика пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за автентичното толкување.

Без разлика дали тоа им се допаѓа на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните и институциите нема да им дозволат попречување на правдата и опструкции на правниот систем“, соопштија од СДСМ

На тоа не остана должен Мицкоски и веднаш одговори.

„Македонија се гуши во силни криминални стеги. Секоја пора во општеството е силно криминализирана, преку активно учество на власта. Нема граѓанин кој не е согласен со фактот дека криминалците остануваат неказнети и дека нема правда. А, отсуството на правда значи присуство на неправда. Сето ова покажува дека нема правен систем кој ќе се спротивстави на криминалниот октопод кој силно ја гуши Македонија.

Овде не се работи за политика, туку за срушен систем, за силно вклучен црвен аларм кој кажува дека Власта ја краде државата, а правниот систем е целосно девастиран.

И оваa битка не е само моја, ниту само на ВМРО-ДПМНЕ, туку и на секоја слободна индивидуа во земјата, на професорите, интелектуалците, работниците, земјоделците, докторите, академиците, но и на новинарите. Затоа што и вие од фелата знаете дека имаме работа со голема корумпирана фабрика, составена од мал број платени пера, а ставена во функција на оттргнување на вниманието од вистинските проблеми и афери.

Погледнете ја последната афера „Вирус“, каде бизнисмен јавно признава дека од Агенцијата за лекови му било барано мито за да може да увезува лек, а имаме целосен молк од државата. Владата целосно молчи, ама молчат и најповиканите во земјава, органите на прогонот и обвинителството. Пред очи ни се случуваат скандали и матни тендери, и не само што нема обвинение, болката е што нема ниту истрага.

Секоја нова афера и скандал е поголем од претходниот. Нема разрешница ниту за скандалот кој самите го објавија за наводното прислушување на обвинители, нема истрага ниту за криминалните иновации, нема истрага ниту за градоначалникот кој тепаше вработен во својата канцеларија, за пратеникот кој набавуваше недозволена супстанца, кој наместо во обвинителство, шета како аналитичар по телевизиите.

Нема истрага за набавката на системот за контрола на летање, ниту пак за тендерот за хеликоптерите за кои на никој се уште не му е јасно каде е економската логика за работа на овој проект, освен се разбира парите за кои има сомнеж дека треба да завршат во приватни џебови, за пуштањето од притвор на Катица, за одговорноста за бегството на убиецот на Нешкоски и редица други.

И токму во овие моменти кога силно одѕвонуваат овие прашања, власта на маса ја става темата со Уставниот суд.

Ова е тема која исклучиво му одговара на Заев и СДСМ, за да се вратат старите теми и да не се одговара за актуелните скандали. Да разбуди чувство и сентимент кај оние кои бараа правда, а сега гледаат дека никако не може да ја добијат со оваа власт, или што би се рекло нема правда, нема мир. Темата со амнестијата личи на  местенка од власта, наметната со типично удбашки методи.

Ова тука не е политика, туку валкана игра на шака криминалци, и разно разни провладини организации кои свесно или несвесно се налепија на оваа измама.

И секој кој има дилеми нека се запраша една едноставна работа, како е можно Уставниот суд да не изгласа и расправа за ниту една иницијатива поврзана со СЈО, или како е можно цели три години оваа инцијатива да се држи во фиока, а токму сега на неколку месеци пред избори, во време кога власта е жива фатена во скандали и криминалии сето ова да стане тема во јавноста и да се стави на дневен ред.

Јас ја знам вистината, а тоа е стравот на Заев од пораз на изборите и соочување со одговорноста. Заев и СДСМ ја наметнуваат темата за Уставен суд, затоа што прават подготовка на терен за некоја идна аболиција на Заевци и луѓето од власта која треба да се испорача од Пендаровски, а кои се плашат од одговорноста за аферите сега, како и еден вид задоцнета испорака од власта за услуги кај дел од луѓето, добиени за чекорите превземени во изминатите месеци.

Но треба да знаат сите до еден од власта, оние вмешани во Рекет 1, 2 па и во наредните продолженија, аферата „Кеш“, оние во криминалните тендери и афери, и сите оние кои сега или порано се огрешиле спрема законот дека јас аболиција не поддржувам и компромиси со правдата не правам.

Темата со Уставниот суд покажува дека мора да има механизми за заштита од злоупотреба на амнестијата како алатка. Бидејќи јас не може да зборувам за принципи во политиката, а кога ќе станува збор за правдата да виткам кичма како Заев, тоа од мене не треба никој да го очекува. И токму затоа ја користам оваа прилика и од името на ВМРО-ДПМНЕ да побарам следно:

Прво барање, да се направат законски измени со кој ќе се забрани секое лице кое ќе добие амнестија, да се занимава со политика или да врши јавна дејност во државата.

Второ, да се отвори дебата, да се консултира правната фела и да се донесат решенија во насока на забрана на аболиција на лица кои се занимавале со политика, бидејќи уште во 2008-та година и случајот „Глобал“ се покажа дека правдата кај нас се изигрува преку несовесно давање на амнестија.

Очекувам ова да биде прифатено и од страна на СДСМ и Заев, наместо со замки и удбашки методи да прифатат принципи и вредности. Македонија не верува во амнестии, Македонија верува во правда и принципи. Мора да создадеме систем кој независно ќе суди, ќе докажува криминал и ќе има одговорност за сите кои докажано се огрешиле кон законите и Уставот“, вели Мицкоски.

На оваа тема се јавија и од Либерално-демократската партија.

„Неделава што следи маските ќе паднат кај сите бидејќи конечно ќе видиме кој е оној во оваа држава што се бори за правдата и кои се оние мрачни сили кои сакаат да ја држат Македонија и да има привилегирани луѓе за кои законот нема да важи односно ќе ги штити криминалците“, изјави денеска лидерот на ЛДП Горан Милевски.

Доколку не помине автентичното толкување за Законот за помилување предложен од владејачката СДСМ а кое е поврзано со враќање во игра на амнестиите за функционери на поранешната Влада од страна на поранешниот претседател Ѓорге Иванов, Милевски вели дека за него ќе се доведе во прашање и владината коалиција.

„Јас ја доведувам во прашање и владината коалиција како таква ако не помине ова во Собранието, а исто така ова е една голема можност за ВМРО-ДПМНЕ да каже дали ќе продолжи по патот на заштита на криминалците или навистина ќе се огради од нив и навистина ќе го поддржи предлогот на министерката Дескоска за автентично толкување на овој закон“, рече Милевски

Собранието, како што истакна тој, мора да донесе одлука за автентично толкување на законот.

„Доколку не се собере мнозинство за измена тогаш се поставува прашање зошто таа Влада да постои како таква, коалициона, кога сите коалициски партнери не сакаат и немаат иста идеја како нас да се соочиме и да се справиме со криминалот во државата бидејќи ние на власт дојдовме дека ќе го решиме токму криминалот што произлегуваше од бомбите што премиерот Заев ги изнесе во јавноста“, рече Милевски.

Ваква „сложност“ меѓу политичките партии од власта и опозицијата македонските граѓани не виделе одамна. Сега останува отворено прашањето дали станува збор за тактизирање и прибирање поени меѓу населението во пресрет на изборите или пак за реални заложби за гонење на криминалот, што би било вистинско чудо во Македонија.

Тоа набрзо ќе се покаже во Собранието каде во понеделник треба да се одлучи кога ова прашање ќе биде ставено на дневен ред пред пратениците.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

На Уставен суд после три години му „текнало“ да расправа за укинатото помилување

Кои се уставните судии кои ќе имаат пресуден збор за Законот за помилување?

Помилувањето ги засени хонорарите: „СЈО е мртво, да живее Уставен!“

„Сите ќе ги амнестираат само Катица ќе лежи“: Твитер реакции за можното враќање на амнестиите на Иванов

Фото: Logosohichal

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Починаа уште 45 лица од Ковид-19, вкупниот број надмина 4.000

Редакција

Обилни врнежи во Виница, поплавени околу 40 објекти

Редакција

Денот кога селективната амнестија стана европска вредност

Редакција