Наместо на депонија, неколку пати во текот на неделата во раните утрински часови цистерна со регистерски таблички SK-531-MR фекалиите и изметот ги испушта во уличните шахти во Визбегово, во близина на здравствена установа.
Претурањето на фекалиите предизвикува неподнослива смрдеа во скопската населба, а за непријатностите кои цистерната им ги предизвикува на пациентите, а со тоа и на вработените во установата се запознаени и градските власти, каде здравствената установа неколку пати веќе реагирала, но се уште не е решен проблемот.
Од здравствената установа замолија да не ги именуваме поради дискреција и на пациентите, но објаснуваат дека сопственикот на цистерната намерно ги користи шахтите во околината за да не плаќа во депонија. Така го загрозува здравјето на пациентите, но и на жителите во тој регион.
„Веќе подол временски период, во раните утрински часови, цистерна со регистерски таблички SK-531-MR континуирано истура измет и фекалии во уличните шахти. Доколку тоа го прави на депонија, тогаш сопственикот на цистерната ќе треба да плати за услугата. Но, на овој начин, всушност, ја „злоупотребува“ канализационата мрежа во Визбегово и ја нарушува работата и животот на граѓаните во бизнис зоната“, велат од здравствената установа и дополнуваат:
„По истурањето се создава неподнослива смрдеа и опасност по здравјето на лицата кои работат во близина. Овој проблем е голем и за нашите пациентите во болница кои, речиси секојдневно, мора да ја трпат смрдеата при извршување на контрола на своето здравје“.
По пријавата на одговорните лица од здравствената установа, Комуналниот инспекторат веќе разговарал со возачот на цистерната и го предупредил на можните санкции, но проблемот не е решен. И натаму продолжува истурањето на фекалии во канализационата мрежа.
Од болницата реагирале и до ЈП „Водовод и канализација“ кои се оградиле со образложение дека проблемот не е во нивна надлежност, иако нелегално се истураат фекалии во мрежата што е нивна сопственост.
Од болницата апелираат сите надлежни институции да се вклучат во решавање на проблемот и овозможување на нормален тек на работење, бидејќи во спротивност ќе загрозено ќе биде здравјето на пациентите, но и на сите луѓе што живеат во тој реон.