еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Д-р Горан Кунгуловски: Како вакцините против Ковид-19 се направија за толку брзо време и дали се сигурни?

Доктор Горан Кунгуловски, коосновач на Лабораторијата за генетика и персонализирана медицина при Клиниката „Жан Митрев“ на својот Фејсбук профил расчисти неколку дилеми околу вакцината против Ковид-19, која што наскоро треба да почне да се дава и во Македонија.

Неговото мислење Ви го пренесуваме во целост:

„Во кратки црти, се направија толку брзо поради декади на базични научни истражувања, среќа во несреќа што е пандемскиот вирус беше коронавирус, а не некој друг тип на вирус, високи нивоа на ургентност и пари, пари, пари, пари. И да, вакцините се сигурни како и било која друга вакцина. Кога пандемијата би се случила пред 10 години, ситуацијата ќе беше многу полоша.

Правење на функционална вакцина за помалку од една година е важно, можеби и поважно од слетувањето на Месечината или можеби слетувањето на Марс во иднина (што јас отсекогаш сум го сметал за најважното идно човеково достигнување).

1.Декади на базична научни истражувања и среќа во несреќа:

– Технологијата на NGS секвенционирање е развиена во 2006-2007 години, но стана глобално достапна некаде во 2013-2014 година. Преку неа за неколку дена беше одредена РНК секвенцата на вирусот SARS-CoV-2. Без неа можеби ќе беа потребни неколку недели/месеци за да се стигне до геномскиот код на вирусот [среќа во несреќа бр.1]. Тоа важно парче на информација ни кажа дека SARS-CoV-2 доаѓа од фамилијата на коронавируси.

– Среќа во несреќа бр.2 е што историски има огромен број на научни истражувања за овие типови на вируси, посебно после SARS и MERS. Значи научниците однапред ја знаеја структурата, геномот, начинот на којшто вирусот се врзува и влегува во клетката и веќе однапред знаеја кој е најдобриот таргет за вакцина и терапија (Spike протеинот). Без ваков тип на информации за биологијата и особеностите на вирусот (пр. дека одредена модифицирана структура на S протеинот е подобар антиген отколку природниот S протеин), сигурно ќе беа потребни уште неколку години за да се стигне до истите сознанија.

– РНК платформите врз коишто се базираните вакцините на Pfizer/BioNTech и Moderna се резултат на 10-15 години силни и фокусирани научни истражувања, посебно во полето на канцер вакцини изминативе неколку години (BioNTech). Без развојот на мРНК формулациите во изминатите 5 години, немаше да имаме платформи за РНК вакцина [среќа во несреќа бр.3]. Значи кога пандемијава би се случила пред 5 години, ситуацијата би била многу поинаква.

2. Високи нивоа на ургентност и пари, пари, пари:

– Најбавниот дел од развојот на вакцините не е нивниот технолошки развој (научниот дел), туку нивното тестирање (клиничкиот дел). Тоа значи дека потребни се стотици милиони евра и илјадници луѓе за тестирање во сите фази на клинички студии. За трета фаза на студии потребно е регрутирање на десетици илјади луѓе и десетици/стотици болници за остварување на тие студии. Со високо ниво на ургентност и висока трансмисија на болеста возможно беше да се регрутираат стотици илјади луѓе во стотици болници за да се остварат овие клинички студии. Ретко се случува за толку кратко време да се регрутираат толкав голем број на луѓе. Ретко се случува болест да има толкава фреквенција на трансмисија за да може за толку краток временскиот период да се направат анализи за ефикасност.

– Најважно од се, компаниите и владите истурија огромна река на финансии за да може сите процеси на регрутирање, клинички студии и производство да се одвиваат паралелно. Значи целиот овој процес на ризично инвестирање (којшто обично не се случува) во вакцините беше поради глобалниот економски ефект на пандемијата и немањето на други опции. Тоа не се случи со еболата и со други болести, бидејќи се немаше ваков глобален мотив, за жал.

Сите овие клинички студии подлегнаа на истата етичка, научна и статистичка ригорозност како и сите претходни вакцини, што е прилично лесно откако ќе се направат тешките технолошки и клинички исчекори за толку брзо време, со толку многу пари.

Пораката за дома е дека дека да се инвестираат милијарди евра во научни истражувања на биологијата и структурата на сите типови на вируси, за да бидеме спремни и во некоја идна пандемија. Сега ни се посреќи што коронавирусот беше од позната вирусна фамилија“, напиша Кунгуловски.

Фото: Фејсбук/Кунгуловски

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Шест години „еМагазин“: Си пишуваме историја базирана на факти

Редакција

Денеска и контра-Парада на гордоста во Битола

Редакција

Османи одговори на барањето на опозицијата, ќе присуствува на седница на собраниската Комисија за надворешна политика во петок

Редакција