Вечерва во изложбениот простор на НЛБ Галерија со почеток во 20 часот пред пошироката јавност со свои дела на тема „Бифуркации“ ќе се претстави уметницата Дафина Шекутковска. Како професор по физика и математика Дафина ја црпи инспирацијата за нејзините дела токму од овие науки кои го објаснуваат универзумот.
„Математиката е универзалниот јазик на природата. Физиката ја користи математиката како алатка во објаснувањето на природните феномени. А пак уметноста и математиката ја користат геометријата како главно средство за мерење, симетрија и пропорции.
Така, базичната линија на нејзиното творење е нивното испреплетување. Што значи дека нејзината уметност ни овозможува да ги видиме гледиштата на еден физичар кон светот, низ призмата на неговите доживувања и науката. Идејата на Дафина е да ја доближи убавината на науката преку моќта на уметноста кон гледачите“, ќе рече кустосот на изложбата…
На изложбата ќе можеме да погледнеме повеќе еклектични серии на дела, во стилот на наивата. Таа си поигрува со нејзината силна страна како физичар и нејзиниот емотивен живот. Повеќето дела го отсликуваат научниот дел, а некои пак емотивниот живот и искуствата. На овој начин таа чувствува дека заокружува еден научноимагинативен предизвик.
Шекутковска досега има сработено над седумдесет дела, а со едно од нив учествувала на изложба во Saatchi Gallery во Лондон, а неколку се изложени на DeviantArt.
Изложбата ќе биде отворена до 5 март во период од 8 до 16 часот.
ПРОМОТИВНА ОБЈАВА