Хрватските медиуми пренесуваат дека Хрватската академија на науки и уметности (ХАЗУ) и предложила на хрватската Влада, еден од условите за пристапување на Србија во Европската Унија да биде „јавно и недвосмислено да го признае хрватскиот јазик како посебен и независен стандарден јазик и еден од официјалните јазици на ЕУ“.
Во соопштението на ХАЗУ, стои дека одлуката ја донеле „земајќи го предвид фактот дека културни и јавни тела на Србија, како и институции кои се финансираат од нејзиниот буџет, зачестено со години го негираат постоењето на хрватскиот јазик и неговата историја и го присвојуваат хрватското книжевно наследство, а особено хрватската книжевност на Дубровник, објаснувајќи го тоа со тезата дека дубровничките писатели наводно пишувале на српски јазик“.
Одлуката на ХАЗУ, како што информираат од таму е донесена и поради фактот што во образовните програми во школите на Србија хрватскиот јазик наводно „лажно се прикажува како српски јазик, кој само се нарекува со хрватско име“.